Лавров: Трамп е единствениот на Западот што вели дека приближувањето на Украина кон НАТО е грешка

 

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го пофали американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи дека тој подобро го разбира конфликтот во Украина од другите западни лидери.

– Кога зборуваме за отстранување на основните причини за кој било конфликт, вклучително и украинскиот, тоа е единствениот начин за решавање на проблемите и воспоставување долготраен мир. Треба да се решат основните причини, изјави Лавров на Дипломатскиот форум во Анталија, во јужна Турција.

– Претседателот Трамп беше првиот и засега, мислам, единствениот меѓу западните лидери што постојано, со убедување, неколкупати изјави дека беше голема грешка да се приближи Украина кон НАТО. Тоа е една од основните причини, како што многупати сме кажале, додаде Лавров.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година, долго време тврди дека приближувањето на Украина кон Западот, вклучително и нејзината желба да се приклучи кон НАТО, претставува закана за Русија. Коментирајќи го договорот меѓу Украина и Русија за паузирање на меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, Лавров рече дека Москва го почитува своето ветување и го обвини Киев дека речиси секој ден ја напаѓа руската енергетска инфраструктура.

„Им дадов на нашите колеги од Турција, на министерот (Хакан) Фидан, она што им го дадовме на Американците, на ОН и на ОЕЦД – список на факти во кој се наведени украинските напади врз руската енергетска инфраструктура во последните три недели“, изјави тој.

Украина, од друга страна, ја обвинува Русија дека продолжува да ја напаѓа нејзината енергетска инфраструктура и покрај мораториумот договорен со посредство на САД.

Најмалку четири лица се повредени во руското гранатирање на Харков и на селото Слатине во неговата периферија, објави харковското регионално обвинителство на својот канал Телеграм. „Според истрагата, на 12 април околу 6:50 часот, руските вооружени сили извршиле воздушни напади врз селото Слатине, регионот Харков. Два КАБ го гаѓаа приватниот резиденцијален сектор, при што беа оштетени најмалку седум приватни куќи“, се вели во соопштението, пренесе Укринформ. Забележано е дека спасувачите од под урнатините на куќата извлекле 68-годишен маж, кој е повреден и моментално е во стабилна состојба. Една куќа, како и гаражи и автомобили, беа оштетени во гранатирање во регионот Харков.

Back to top button
Close