ЛДП ги запали моторите за локалните избори наесен
Одлуки поврзани со претстојните локални избори планирани за октомври годинава, но и други клучни организациски и стратешки документи за унапредување на работата на партијата, беа усвоени на 10-тата седница на Централниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП), информира партијата.
-Централниот одбор на ЛДП ги усвои Правилата за критериумите и постапката за утврдување, евидентирање и верификување на кандидатски листи за градоначалници и членови на советите во единиците на локалната самоуправа. Преку овие правила ќе се обезбеди транспарентен, праведен и инклузивен процес на селекција на партиските кандидати за локалните избори – велат од ЛДП.
Партијата донела и нови правила за делување на општинските организации, со цел подобрување на нивната ефикасност и координација.
-Централниот одбор ја изгласа и Стратегијата за внатрешна комуникација, која ќе ја зајакне комуникацијата помеѓу органите, членовите и поддржувачите, со цел подобро функционирање на партијата, а изврши и именувања на нови извршни секретари и регионални координатори, кои ќе имаат клучна улога во теренската работа и подготовката за локалните избори.
Со едногласна поддршка од присутните членови на Централниот одбор се усвои одлуката за избор на извршни секретари на ЛДП за Ивица Тодоровски и Зоран Стојанов – велат од партијата.
Тодоровски е долгогодишен член на ЛДП, со значајно искуство во партијата како претседател на ОО Ѓорче Петров и член на Извршниот одбор, а во својата професионална кариера има раководни позиции, меѓу кои директор на Управата за хидрометеоролошки работи.
Стојанов, исто така, е искусен партиски кадар, со повеќекратни мандати како советник во Општина Гази Баба и високи функции во партијата, вклучувајќи го Централниот и Извршниот одбор. Неговата професионална кариера вклучува раководни позиции во ЈП „Водовод и канализација” – Скопје, каде што беше и оперативен директор.
Централниот одбор уште еднаш ја истакна својата посветеност кон демократските процеси, внатрепартиската транспарентност и потребата од ефикасна организација за време на претстојните локални избори. (СП)