Летачко такси во Дубаи до почетокот на 2026 година

Летачката такси-услуга во Дубаи ќе биде пуштена во промет до првото тримесечје на 2026 година, изјави Калед ал Авади, директор на одделот за транспортна технологија во Управата за патишта и транспорт на најпознатиот град во Обединетите Арапски Емирати.

– Имаме план за до првиот квартал на 2026 година да почнеме со авио-такси услуга. Во мигов работиме на тестирање и сертификација на самото возило со нашите партнери од американската компанија „Џоби авиејшн“ (Jobi Aviation). Ја почнуваме и фазата на дизајнирање станици со „Скајпорт“ (Skyport) – британската компанија којашто ќе развива хелиодроми, појасни Ал Авади.

Според најавата, во Дубаи се планира изградба на четири вертикални хелиодроми за такси-летала, од коишто два ќе бидат пуштени во употреба на почетокот на 2026 година.

– Со нашите партнери работиме оваа услуга да биде што попристапна и веруваме дека ќе биде многу поевтина од користењето конвенционални хеликоптери, додаде директорот на Управата.

Цената на оваа услуга, според првичните информации, ќе биде пониска или приближно исто како и онаа за изнајмување лимузина. Електричното летачко такси, исто така, ќе биде и „сто пати потивко“ од обичниот хеликоптер, се вели. И копнено-сообраќајната такси-услуга се електрифицира.

– Би требало, до 2035 година сите такси-возила во Дубаи да бидат електрични, а до 2050 година целиот возен парк да се состои само од електрични автобуси, заклучува Ал Авади.

Што се однесува до такси-автомобилите без возачи, коишто се развиваат заедно со „Џенерал моторс“, во Дубаи ќе бидат пуштени веќе во 2025 година. Тестирањето е во тек.

Back to top button
Close