Левица прашува – Дали Млекарница Ѓоргиеви ќе ја врати наградата за општествена одговорност?


Политичката партија Левица ја повика Млекарница Ѓоргиеви да се изјасни дали ќе ја врати наградата за општествена одговорност што ѝ беше доделена од Општина Радовиш, по обвинувањата и сомнежите што деновиве се појавија во јавноста во врска со млечните производи на компанијата.

Од Левица потсетуваат дека само пред неколку месеци компанијата била наградена како пример за општествено одговорно работење, а сега нејзиното име се споменува во контекст на скандал поврзан со наводна измама на потрошувачите.

„Само неколку месеци откако Општина Радовиш ја награди Млекарница Ѓоргиеви со признание за општествена одговорност, истата компанија деновиве се споменува во јавноста во контекст на скандалот со млечните производи и сериозните сомнежи за измама на потрошувачите“, наведуваат од партијата.

Оттаму прашуваат дали, доколку наводите се потврдат, компанијата од морални причини ќе ја врати наградата што ја добила како пример за одговорно и општествено корисно работење.

Во реакцијата се потсетува и на ставовите што претходно ги изнела советничката на Левица во Општина Радовиш, Љупка Трајкова, која уште при доделувањето на признанието изразила резерви околу одлуката.

„Зад големите профити и признанија честопати стојат експлоатирани работници, ниски плати и бизнис-модел во кој интересот на капиталот е поважен од интересот на луѓето“, предупредила Трајкова на седница на Советот на Општина Радовиш.

Таа тогаш отворила и прашање за можен судир на интереси, имајќи предвид дека компанијата е поврзана со семејството на актуелен советник.

„Што ако тој успех на фирмата на колегата Ѓоргиев, со баснословни биланси, е на грбот на работниците?“, прашала советничката од Левица.

Според партијата, денес јавноста е соочена со уште посериозни сомнежи.

„Денес, јавноста е соочена со уште посериозни сомнежи, дека профитот можеби не бил создаван само на грбот на работниците, туку и на сметка на здравјето на граѓаните и преку измама на потрошувачите“, се наведува во реакцијата.

Од Левица оценуваат дека ваквите случаи се последица на систем во кој профитот е ставен над јавниот интерес и повикуваат на целосно расчистување на случајот.

„Јавноста има право да праша врз основа на кои вредности е доделена наградата за општествена одговорност и дали нејзините добитници имаат доблест да ја вратат“, порачуваат од партијата.

Back to top button
Close