Левица: За Тошковски засилените контроли беа само пи-ар
Министерството за внатрешни работи, под водство на Панче Тошковски, постапува само неколку дена по трагедија – доволно за да се покријат вестите, да се закажат прес-конференции и да се сервираат бројки за јавноста. Но веднаш штом вниманието спласне, контролите исчезнуваат, а со нив и „одлучноста“ што се најавувала. Наместо континуирана грижа и системска работа, гледаме краткотрајна акција – спектакл за медиумите што секогаш завршува исто: со нова трагедија и ново уверување дека „сега навистина ќе се преземат мерки“.
Улиците низ главниот град и низ градовите низ Македонија се претвараат во патеки на смртта. Само во последниов месец и покрај помпезните најави и фалби на Тошковски за засилени контроли – се случија повеќе сообраќајни незгоди од истиот период лани.
Самиот Тошковски пред извесен период изјави дека во Македонија само изминатата година имало 30 жртви пешаци и околу 140 жртви во сообраќајни незгоди ширум државата, а тоа се бројки коишто се за четвртина повеќе од просекот на Европската Унија.
Граѓаните најголемиот проблем го посочуваат во спроведувањето на полициската контрола, бидејќи секојдневно сме сведоци на дивеењето по улиците со над 100 километри на час во урбани средини, навечер булеварите се претвораат во тркачки патеки, а полицијата е присутна само по трагедија, со цел министерот да се пофали дека е наводно одговорен и одлучен.
За ставање во функција на проектот „Безбеден град” постојано се расфрлаат со датуми, но во реалноста не се преземаат никакви мерки кои укажуваат дека наскоро истиот би бил имплементиран и функционален.
Засилени полициски контроли има само после поголема трагедија додека да се смири револтот кај граѓаните, и потоа билтенот на МВР продолжува секојдневно се полни со црни статистики. Од Министерството на внатрешни работи како и од Бирото за јавна безбедност наместо директна интервенција на терен или соодветни законски измени за подобрување на состојбата во сообраќајот – добиваме само апел за поголема свесност кај возачите.
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица