Лидерите во американскиот Сенат бараат од Русија да го ослободи уапсениот новинар на Волстрит џурнал

Двајцата главни луѓе во американскиот Сенат – демократот Чак Шумер и републиканецот Мич Меконел побараа од Русија веднаш да го ослободи новинарот на Волстрит џурнал Еван Гершкович, и оценија дека „новинарството не е криминал“.

Ова е редок пример на изјава што заеднички ја потпишаа Демократската и Републиканската партија на САД, коментираат светските агенции.

Гершкович е првиот новинар кој е уапсен во Русија за наводна шпионажа од крајот на Студената војна, а САД бараат итно да се прекине неговиот, како што велат, незаконски притвор.

– Силно го осудуваме неправедното притворање на американскиот државјанин и новинар на Вол Стрит џурнал Еван Гершкович и бараме овој меѓународно познат и почитуван независен новинар веднаш да биде ослободен, соопштија Шумер, како лидер на демократското мнозинство во Сенатот, и Меконел, лидер на републиканското малцинство во Сенатот.

Според нивните изјави, Гершкович бил акредитиран во руското Министерство за надворешни работи да работи како новинар во Русија, а „руските власти не презентирале никакви веродостојни докази за поддршка на нивните измислени обвинувања“.

– Да бидеме многу јасни: Новинарството не е криминал, напишаа Шумер и Меконел. Тие, исто така, побараа Русија да ослободи уште еден уапсен Американец, Пол Вилан.

Гершкович, кој беше уапсен во Русија минатата недела, вчера и официјално беше обвинет за „шпионажа“, обвинение што тој го негира, пренесоа руските новински агенции.

Како што пренесе Бета, Гершкович, дописник на „Волстрит џурнал“, кој претходно работел за АФП, е кривично гонет според член 276 од рускиот кривичен законик.

На Гершкович му се заканува казна затвор од 20 години.

Агенцијата Тасс објави дека новинарот „категорично“ ги отфрлил обвинувањата.

На американскиот новинар му е одреден притвор до 29 мај. Тој притвор може да биде продолжен до евентуално судење

Back to top button
Close