Листата на омразени
Македонците најверојатно ќе бидат првиот народ во историјата уништен од сопствентата омраза кон другите и со тоа ќе бидат поук за светот како не треба.

Со комшо седиме у двор. Тој си го пуши цигарето и ми се жали. Гледам дека е незадоволен, а незадоволството му се претвара во омраза. Омраза кон другите.
Листата на омразени му е долга, а како што тече времето таа постепено и се зголемува.
Секако први на листата се АЛБАНЦИТЕ, сега најмногу олицетворени во ДУИ. Комшо стравува дека албанците ќе го изедат сѐ она што смета дека му припаѓа само нему во државата, дека ќе му ги изедат сите можности и права и тој кутар ќе остане гол и бос и без ништо. На крај ќе го изедат и него како плен. Тие не смеат да имаат никакви права, бидејќи секое дадено право комшо го доживува како да е одземено некое негово право. Kомшо за нив во секое време има спремно, штотуку пројдена на технички, фули фанкшнл, гасна комора.
Веднаш после нив следуваат БУГАРИТЕ, тие ќе не побугарчеле. Ни го оспоруваат идентитетот, не ни ја признааат историјата, сме биле под нивна oкупација, што тие ја викаат администрација. Сме биле Титова творба, вешачки создаен народ, одроден од матицата. Тоа што тогаш Македонија се уште не постоела како држава нема врска. Комшо ги псуе и со тага во душата се сеќава на времето на две червени.
ГРЦИТЕ поточно ЈУЖНИОТ СОСЕД не ни го признавал името. Поради нив сме ги продале и името и знамето. Од скоро почнаа да излегуваат и гласини за колку сме го продале знамето, тоа со сонцето од Вергина. Вели за сто педесет милиона евра, што според мене е чист ќар. Ем сме им продале нивен продукт ем сме направиле поубаво знаме. Иако Солун често го посетуваме за шопинг, а на нивното море одиме ко да е наше, сепак грците мора да ги мразиме, бар малку. НИКОГАШ СЕВЕРНА СЕКОГАШ МАКЕДОНИЈА, ќе рече комшо и ќе отиде на Халкидики.
Со СРБИТЕ состојбата е малку подобра сега, откако ги решивме споровите со црквата, а и Вучиќ му стаана голем идол на комшо, веднаш после Путин. Више нема да ги закачуваме НА ВРБЕ, не важи тоа више. Но сепак малку мора да ги мразиме и србите ради „СРПСКО“ што сме биле под нивна „окупација“ кога македонија воопшто не постоела како држава.
Како кај секој добар и совесен балканец омразата и кај комшо мора да трае со генерации и никао не смее да се дозволи напуштање на старите наративи и заборавање на историските темни поглавја. Комшо не гледа во иднина, нема визија за неа, но ужива во митовите за минатото. Што подалеку во минатото тоа подобро било за комшо, се до Аце Големиот, за кој вели дека е прататко на нашата семка и род, кога било најбоље. Впрочем комшо знае да каже “понапред” за нешто што се случило во минатото. Минатото е напред, пред него.
Но има и нови кандидати на листата за мразење.
Секако тоа е АМЕРИКА И ТРУЛИОТ ЗАПАД Таа земја на „лажни вредности“, која на сите им се меша, па ни комшо не може да биде раат. Иако пола од иселениците се токму во Америка и „трулиот запад“, пак, тие не се добри. Кутрите, од немукает мора таму да одат, кај што има ред и поредок, кај што индивидуата има можност да се реализира, со токму тие вредности кои тој ги осудува. Комшо се надева дека еден ден Путин, како право мажиште, ќе се изнервира и ќе му покаже на клетиот запад кои вредности треба да се почитуваат, ВИСТИНСКИТЕ ВРЕДНОСТИ.
И секако, од скоро на листата е ставена и ЕВРОПСКАТА УНИЈА. Лошата ЕУ, не ни дава преговори. За членство и да не зборуваме. Еве гледате што се деси пред некој ден!? За Украина и Молдавија можеше Орбан да „прошета”, а за нас не го праат тоа!? Јазк на ЕУ! Иако другата половина од иселениците ни е таму, комшо ја мрази како бивша женска што го оставила и сега разочаран и во немоќ ја вика курва. Ќе се распадне таа унија со се НАТО топтан. БРИКС е за нас, ми вели комшо.
Поради овие „неправди” сега на листата се и Украина и Молдавија, ни криви ни должни. Но од завист че ги мразиме. Нема врска што токму Украина ни даде воена помош во конфликтот во 2001 и беше ОД НАША, сега комшо сака да ја види уништена од Путин. земја која има идентични проблеми на непризнавање на идентитет, тврдењ дека се вештачка творевина и дека како одродени треба да се вратат кон МАЈКА РУСИЈА, звучи познато, нели, но за комшо тоа не е битно. Путин е најбољи. А што е најстрашно, не е тоа така затоа што навистина го сака Путин и Русија, туку затоа што повеќе го МРАЗИ ЗАПАДОТ против кој рускиот„денацификатор“ јуначки се бори.
Нашето општество денеска пати од оваа насобрана омраза која веќе со децении се насобира, како гној во чир. Од време на време чирот, притиснат од долгата рака на ВМРО, испкува и гнојот се разлева. Долгата рака никако не дозволува таа рана да се исчисти и да заздрави, бидејќи ако заздрави, долгата рака ќе се исуши.
Комшо ќе ја изгаси, кој знae која по ред цигара, ќе стане и ќе змине во својата димензија. Таму ќе гласа за ВМРО и тој е мирен.
Матеј Богдановски






