Лорен де Кар – првата жена на чело на Лувр

– За првпат од основањето, музејот Лувр ќе го води жена – поранешната директорка на музејот Орсеј, Лорен де Кар, ќе го замени Жан-Лик Мартинез на позицијата претседател – директор на познатиот париски музеј, отворен кон крајот на 18 век.

Лорен де Кар (54) беше назначена за нов претседател-директор на Лувр на 26 мај со одлука на францускиот претседател Емануел Макрон. Новата функција ќе ја преземе на 1 септември од Мартинез, кој на чело на Лувр е веќе осум години и се надеваше на трет мандат.

Археолог по образование, по потекло од работничката класа, Мартинез стана директор на Лувр во 2013 година по повеќедецениско владеење на историчари на уметност од повисоките општествени класи. Именувањето на Де Кар, која потекнува од француско благородништво, од семејство на еминентни писатели и е експерт за сликарство од 19 век, ја продолжува поранешната традиција.

Лорен де Кар ја започна својата кариера како кустос во Музејот Орсе во 1994 година, по што ја презеде Агенцијата за француски музеи во 2007 година, владино тело одговорно за отворање на Лувр во Абу Даби. Проектот вреден десет милијарди евра беше отежнат со одложувања и зголемено незадоволство во Обединетите Арапски Емирати, а кога Мартинез го презеде Лувр, тој ја смени Де Кар и го назначи Жан Франсоа Шарние за шеф на Агенцијата на кустоси и археолози.

Лорен де Кар стана директорка на Музејот Оранжери, посветен на импресионизмот, во 2014 година, а во 2017 на Музејот Орсеј, во која беше особено фокусирана на социјалната улога на музејската институција.

Лорен де Кар во своите први изјави вети продолжено работно време на Лувр, кое во моментов трае до 17:30 часот, а нејзината желба е да привлече помлада публика. Патем, тоа беше потег што го планираше Мартинез со цел да ја зголеми посетеноста на Лувр, отворен во 1793 година.

Според француското Министерство за култура, приоритетите на новата директорка ќе бидат зајакнување на дијалогот меѓу „античката уметност и современиот свет“, како и проширување на музејската публика, со посебен фокус на младите.

Back to top button
Close