Лош театар
Кога државата, преку своите извршни органи се обидува да инсценира театар, тоа никогаш не завршува добро. Особено кога се обидува да се натпреварува со професионален театар како струмичкиот, што по правило завршува како – лош театар. Не дека државата не умее да забошотува случаи, па и цели скандали, не дека за тоа нема дарба, ама за такво нешто треба компетентни „глумци“ и „режисјори“, а не дилетантни како во случајов со Министерствоно за (фис)култура, но и со редица други министерства – на пример Министерството за вакцини, или она за (не)екологија! – коишто, обидувајќи се да ги затскријат своите веќе легендарно комични промашувања и недоветности, всушност продуцираат уште потрагични претстави за неспособноста на целата држава.

А сепак не сме толку неспособни, нели?! Некои институции сепак си ја вршат работата, па дури почнуваат и да пречат. Во општата и веќе традиционална „опуштеност“ како навистина да сме регионални лидери во се’ што човекот успеал да измисли – иако за ова наша „опуштеност“ има и други, попрецизни но посилни зборови – онаа т.н. Антикорупциска комисија, на пример, запнала перманентно да пронаоѓа нешта коишто другите едноставно не ги гледаат. Или не сакаат да ги видат, како инспекциине на Министерството за (фис)култура. Нивните „инспектор(к)и“, каде и да влезат, не гледаат ништо спорно. Освен ако не им е поинаку наложено! Ама Антикорупциска гледа, дури и не излегувајќи од канцеларија. Гледаме и ние, се разбира, ама инспекциите, такви какви што се, се сепак дел од лошиот театар на министерствата, нели? И на државата, се разбира.
Веќе дојдовме до фазата кога воопшто и не мораме да ги читаме/слушаме тирадите на министрите и соопштенијата на министерствата – особено оние висококалорични глупости од Министерството за (фис)култура – зашто и децата знаат дека тоа на крај ќе се сведе на флоскулата дека, ете, се’ е според устав, закон, процедури… дека, по ѓаволите, тие се должни да ги почитуваат законите – иако, демек, не биле „формални легалисти“ – па дури и кога законите се лоши, дека ова или дека она… Па добро, нека е и така, ама зошто тогаш е потребен и лошиот театар како крем врз колачето? Зошто парадите, сликањето и ветувањето, зошто рокови и (демек) утешителни приказни? Или они сметаат дека тоа е политика, или дел од политиката? Можеби е’, ама од лошата политика, од убиственото политикантство кое секогаш почнува со она „ќе“, или „треба“! Од тоа наше фамозно „ќе“ најчесто се губела довербата на граѓаните. Триесет години, во континуитет. Ама тие уште „го играат“!
Бидејќи во оваа држава и така веќе никој не си стои на зборот, не пак да се придржува до некакви принципи, морал, етика, програми, стратегии… од лошион театар пред Министерството за (фис)култура и оние будалаштини од „заблагодарување“ и (демек) „помош“ на министерката, останаа, како по обичај, само празни ветувања и заборавени понеделници. Зашто, ете, повторно се’ било по закон, по пропис, по процедура… Не постои таков закон каде фискултурец без ден работен стаж во културата може да биде директор на театар. Ни на едикојси центар за култура. Како што не можеше ни учителка по биологија да биде директорка на Национална галерија, ама беше, како што не може ни лоша (да не речам ужасна) сликарка да биде директорка на истата институција, ама – е’, како што не можеше ни шестокласен „продуцент“ да биде директор на Агенција за филм, како што не можеше ни лекар да биде министер за култура… како што не може ни историчарка да глуми стручњак за заштита на културното наследство… итн. Такви закони не постојат, а ако постојат, како кај нас, треба да се игнорираат ако веќе сме толку неспособни да ги смениме. Ене го новиот закон за јавен интерес во културата уште кмише во Собранието! Цела година!!! Ако кај нас, се’ уште, „живеат“ такви закони од времето на пуфлата, амендирани стопати токму по криминалниот терк што ги задоволува)ше) политикантските барања, белки до сега некој можеше да ги направи барем тие минорни измени за да не се резилиме пред светот? Или – „функционални“ се и денес, им требаат? Ако кај нас, се’ уште, „живеат“ такви закони, белки „живее“ и некоја, некаква, здрава памет, некој морал, некоја етика, некаков обид да се воведе ред и стручност во институциите? Или не? Ако е второво, како што е’, чуму тогаш театри, и тоа лоши, чуму селски „актерски“ итроштини со понеделници и легализми, чуму воопшто такви петпарачки претстави од коишто нормалниот свет се срами?!
Златко Теодосиевски





