Ловци на  елени

Повторно не сте во право трпеливи читатели. Не менувам тема. Нема да бидам во улога на задоцнет филмски критичар на култниот филм од крајот на седумдесетите  години од минатиот век. Макар што ловците на инвестиции ми личат на ловците на трофејни елени, чии што рогови остануваат во одаите на современите феудалци. Останувам на дипломатијата, овој пат економска. Тоа го правам од две суштински причини. Првата е терминска, втората тематска.

Да почнам од првата.
На новиот МНР, абдоминалниот хирург Б. Османи, во сложени времиња на вирусна пандемија, политичка  ендемија, економска  анемија и анестезирана одговорност, токму сега му текна или го инспирира консензуалната дипломатија, да наместо да се посвети на регионот на кој никогаш, како сега, толку долго немало војни, (макар да ситуацијата се уште е фрагилна) да посвети толку внимание на ловци на инвестиции. Има стотина други приоритети. Па ние немаме одавано етаблирана јавна дипломатија, за тајна и да не зборуваме, а во најкоњуктурниот, а можеби и единствениот наш извозен артикл-културата, немаме културна дипломатија, посебно во невреме кога  го докажуваме својот идентитет, односно неговите загрозени елементи. Ниту се обидуваме да ја имаме. Не знам која мака го натера да ја убеди владата за овој концепт, кој не мора да е негов, но тој сега здушно го промовира, како спас на државата.

 

А сега малку повеќе на втората причина, наведена на почетокот на колумнава. Сега е време, пред анализата, да ве потсетам на до сега пропаднатати проекти за привлекување инвестиции, односно зголемување на нашиот робусен извоз. На почетокот на нашата прочуена дипломатија, во МНР имавме сектор за економска и мултилатерана економија. Обем на секторот беа главно узурпирани надлежности на тогашното министерство за економија, на стопанство и на тогашната единствена Стопанска комора на РМ.

Потоа, на иницијатива на МНР, а со Договор со Министерството за економија, се именуваа ткн. економски советници, во десетина држави, без основниот критериум, а тоа е обем и содржина на стопанската размена, посебно висина на нашиот извоз. Таа идеја пропадна брзо, како што беше и брзо и подготвена. Откако, економските советници се вратија дома, МНР донесе далекусежна идеја, на шефовите на ДКП, виртуелните амбасадори, по принципот на исполнување на заборавените петогодишни планови, да им определи колку  фирми во државата каде моментално се рекреираат, да посетат и да ги промовираат нашите услови за инвестирање. Тука, амбасадорите како впрочем и генерално, не се снајдоа.

Спасот доаѓа со новата влада, чиј лидер, брокер по вокација, промовира  промотори, чиј број од неколкумина нарасна на непотребните и преабмциозните 33. Новата власт на крилата на колор револуцијата ги врати сите промотори дома.

 

Не дека немаше квалитетни личности меѓу промоторите, но недорешените односи меѓу Агенција за странски инвестиции и промоции, како носител на активностите и МНР на РМ чии што економски едуцирани амбасадори имаа обврска да се бават аматерски и со инвестиции и промоција и чии што промотери имаа дипломатски пасоши, влегоа во очекувано мешање на работите. Така беше случај и со првиот обид  некаде 2.000 година со економските советници. Не се знаеше кој е сајбија МНР или Министерството за економија.

Системот на  надоместок на промотерите исто така беше камен на сопнување. Да наведам дека во сите овие варијанти, Стопанската комора на РМ, додека постоеше не беше во комуникација, а поентата беше  главно на инвестициите, а не и на зголемување на стоковната размена, и глобалното претставување на РМ. Стопанската комора на РМ никогаш не заживее во системот на социјално партнерство, а сегашната разeдинетост и нејасност на функциите на стопанските комори долива ново недоразбирање, што има и свој познат ефект. Сегашнава влада минатата година (октомври) се обиде со подготвен, а нереализиран Закон за привлекување на инцестиции, со кој Дирекцијата за слободни економски зони, би ја водела целата ова активност. Со ова владата покажа тотално неразбирање на основните дејности, односно стимуирање на извозот, привлекување на инвестиции и развој на туризмот. Активностите на Дирекцијата  за слободни економски зони ја плафонира активноста во  привлекување на странски инвестиции и промоција на македонското стопанство. Владата треба да се концентрира  на решавање на проблемите на веќе етаблираните странски инвеститори во СРМ, да останат  кај нас ,односно да реинвестираат.

 

Сега МНР се јавува со ново-стара избламирана стратегија за економска промоција. МНР не може да реши ниту еден политичко- дипломатски проблем, а не па да промовира економска дипломатија. Нека си ја гледа својата работа (грчкиот кипар Опанчаре, гледај си ги опинците). Овој проект однапред е  пропаднат. МНР нема такви кадри, макар што МНР Османи контрадикторно тврди, наведувајќи дека “економските советници ќе бидат избрани од редот на високо стручни дипломати од МНР кои ќе поминат обемна оперативна (да не мисли на безбедоносна) и стручно теоретска обука”.
Контрадикторно.

Тоа што во МНР на СРМ постои Директорат за економска промоција е  исто како да има Директорат за испитување на  најавеното катаклизмично делување на Г5. Наместо тоа нека формираат Директорат за планирање. Овој нов стар проект некако ми личи на удомување на дипломатски места на дел од  бадијалџиите во јавната администрација, на атрактивни за нив места. Овој концепт значи дека новите економски советници не треба да бидат само за едно лето. Тие треба да останат на таа функција цел работен век, а не после еден мандат  да отидат  на работи во сектори за кои не се квалификувани. Во десетина колумни, сугерирав да го следиме примерот на Австрија, кога е во прашање коморскиот систем и систем на промовирање и заштита на интересите на австриските фирми. Бадијала.

 

 

Почитуван Министере Османи. Баталите ја оваа работа, која ви е наметната. Имате толку проблеми во МНР. Не знаете од каде да почнете. Време е МНР на СРМ да заличи на соодветна институција за креирање и спроведување на надворешна политика.

Не воведувајте консензуаланост во вашите одлуки. Економијата препуштете ја соодветните ресори. Направете нешто да се знае има ли СРМ Стопанска комора или таа е Друштво на тајкуни  со ограничена одговорност. Владата треба конечно да знае, кој е социјален партнер, поред неа и Синдикатите, кои се разидинети. Има работа за сите. А вие почнете од елементарните работи кои недостасуваат во МНР. Имате и еден наметнат амбасадор кој дури и докторира покрај  редовната работа и кој издаде книга (односно препиша ) за важноста на Протоколот. Појдите од тоа, дека шефот на Прококолот не е Шеф на сала во ексклузивен хотел, а Шефот на Кабинет, не е посилни на Министерот.

Информациите кои ви се  доставуваат интерно не ги сфаќајте здраво за готово. МНР нема кадрови за економски советници. Ткн. амбасадори кои МНР ги образува во својата позната Академија, имаат само една задача. Нив ги интересира единствено релацијата со претседателот, премиерот и МНР, личности од кои зависи нивниот мандат и реименување. Тоа е се. Проверете колку наши амбасадори имаат тесни врски со новинарите, политичкиот естаблишмент, во областа на културата, а да не зборувам со тесните контакти со најблиските соработници од Кабинетите на водечките личности на државата на нивниот прием. Какви информации доставуваат, какви иницијативи пројавуваат, колку имаат контакти во дипломатски кор, какви им се односите со влијателните финансиски институции и сл. Наместо, тоа доста се развиени лукретивните активности а ла  Реал Естате и сл. Со новите економски советници нема да постигнете ништо. Нивниот избор ќе придонесе единствено за афирмирање на  системот на политичко пазарање и постигнување на етничкиот  баланс. За такви активности зар не е доволно Сабранието и политичкиот систем, посебно сега кога имаме и прв вице-премиер за политички систем и односи со заедниците.

Посветете се на Брисел со помош на поискусниот вице-премиер за ЕУ. Не ги дуплирајте активностите. Делувајте синхронизирано. Не ги каните повеќе амбасадорите на државен трошок еднаш годишно да продефилираат како липицанери низ холовите на Собранието и владата или пак дишат свеж воздух во претседателските одаи на Водно. Проверете ги ефектите на активностите на  почесните конзули во СРМ и нашите надвор, кои во принцип работаат за себе и кои би требало да бидат и промотори за стопанските активности. Проверете ја вистинската потреба за толку разгранета и нефункционална мрежа на ДКП и конечно прифатетите ја , од моја страна,сто пати предложената формула на концентрични  кругови за  систематизација на дипломатската мрежа.  Дали е рано да Ви честитам  нова Година. Вива Португал. Лисабон е инспиративен. Надежта последна исчезнува.

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close