Луѓе без срам

Кога би напишале една од оние (веќе сериозно изветвени) парафрази од типот „земја што има ваква академска заедница треба да се загрижи за својата иднина“, тоа може да прозвучи изнасилено, дури и патетично. Ама не е, затоа што – веќе е очигледно – ние одамна имаме проблем со нашава таканаречена – или самонаречена, како сакате – академска заедница која секојдневно не доуверува дека не се грижи за ништо друго освен за својот џеб. И задник, секако. (Иако може и по обратен редослед). И тоа е така и „случајот учебник“ е само уште една потврда за нивната бескрупулозна незаинтересираност, за нивната срамна молчаливост, за отсуството на општествена свест и трловидната сплотеност во безидејноста, самобендисаноста, безобразлукот. Зашто, така дрско да манифестирате дека вас ама баш ништо не ве допира, дека „колегијалноста“ е над универзитетот и студентите, дека никој не смее да приговори нешто за вашата веќе пословична необразованост, затуцаност и провинцијализам инаку ќе му ги пуштите оние два-три загари што перманентно лаат за автономија на универзитетот и слобода на говорот а поим немаат што тоа во праксата значи… е тоа, простете, веќе ги преминува сите граници на простојност! Ова ли е впрочем таа автономија на универзитетот? Ова ли е таа академска слобода на говор и критика на „систем“?
Ако поимот универзитет, во неговите најопшти рамки, навистина се одзива на дефиницијата за високо (односно терцијарно) образование, а самиот збор одговара на латинското universitas magistrorum et scholarium, тогаш ние дефинитивно сме го основале нашион УКИМ според некои други дефиниции и со некакви поинакви наместо со учени луѓе. Поточно, тие што го основале, некогаш, сигурно не претпоставувале какви наследници ќе имаат. Да, секоја генерализација е лоша, се согласувам, ама кога од цел еден (за наши прилики сепак некогаш угледен) Универзитет, наместо (само)кртитика ќе прочитате квазиакадемска, крајно простачка и во основа кичерска „одбрана на глупоста“ без ниту еден глас против, тогаш генерализациите се наметнуваат сами по себе. И во таков случај, после толку денови општ неразбирлив молк, никој од таа „фела“ нема право на глас, уште помалку има право да бара да го нарекуваме професор. Зашто поимот за универзитетски професор, за учен, сепак подразбира нешто друго, а пред се’ предодреденост за наука, знаење, вистина, прогрес…
Ако во т.1 од Преамбулата на Magna Charta Universitatum (1988) стои дека „на крајот на овој Милениум, иднината на човештвото во најголем дел ќе зависи културниот, научниот и техничкиот развој (…)“, а во т.2 вели дека „улогата на универзитетите за ширење на знаења меѓу младите генерации подеднакво подразбира и служење на општеството како целина (…)“, што од ова денес добиваме од државниот односно финансиран од сите граѓани Универзитет Св. Кирил и Методиј? Она писание од една „професорка“, во сулуда одбрана на неодбранливото, во заложба за глупоста и регресот наместо прогресот, за ширење женомрзие и други простачки и анахрони „идеи“ како замена за слобода на говорот, за служење на некакви длабоко патолошки пориви наместо посветеност на студентите и општеството како целина…?
Или, кога во Етичкиот кодекс на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во Општите одредби, стои запишано дeка тоа е „институција на највисоките вредности: Вистината, Доброто и Убавината“, тоа го подразбира и оној „учебник“ и „вистината“, „доброто“ и „убавината“ запишани во него? Го подразбира ли Етичкиот кодекс и она бравурозно кичерајско писание од една од „професорките“ на УКИМ? Или, ако во истиот Етички кодекс е запишано дека „Основна цел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е Знаењето“, и овој „учебник“ ли се подразбира под поимот Знаење односно дека насоката дека „Голем дел од женските особи чија коса е кратко пострижена и кои не носат типично женски украси, а постојано се облечени во панталони – имаат тешкотии во прифаќањето на сопствениот пол“ е баш тоа Знаење!? Како впрочем и сите други глупости наредени таму од дотичниот „професор“ – за среќа пензиониран – ама така жестоко бранет од оние лајачи што те тера да се запрашаш: го бранат ли него, или се бранат себеси?
Зашто, извинете, нормален човек, па згора и универзитетски професор, не може доброволно, со чесно срце и отворен ум, да застане зад такви примитивни, провинцијални, анахрони тврдења ex cathedra. Тоа, едноставно, не е можно. Следствено, има ли во таа игра, како и во сите други што се играат на ова парче земја, уште нешто, нешто „плус“ што постојано ни „виси“ над главите од вакви луѓе?
И повторно: цела академска фела да нема ништо да каже? Ни два збора, ниту една реченица? Освен оние, нели. И нема ли после сето ова човек право да каже – да, сите исти? Зашто, како би се одбраниле од таквата квалификација? Со презафатеност, со ангажмани во образовниот процес, со многу друга работа… или со страв да не ви се свртат и вам, некои, некогаш, да ги извадат на виделина и другите валкани алишта што се кријат низ ходниците на тој „универзитет“?
И, всушност, кој е овде инквизицијата? Ние, или тие?И зарем навистина и ова ќе им го допуштиме? Па после, повторно друг ќе ни биде виновен? Зарем не ви е срам и ова да го премолчите?!?
Златко Теодосиевски






