Луксембург: Бугарија не попушта за С Македонија, ЕУ не сака одвојување од Албанија
Министрите за европски работи на ЕУ до предмалку дебатираа за усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, но според дипломатски извори од ЕУ на кои се повикува МИА од Брисел, Бугарија одбила да попушти, информира 360 Степени.
Според дипломатите, дебатата за проширувањето претпладнево на министерскиот состанок во Луксембург била прилично жестока, посебно во однос на Северна Македонија и бугарската блокада, а според присутните, Германија покажала силна заложба за почеток на преговорите со Северна Македонија.
Бугарската страна, меѓутоа, и натаму одбивала и покрај предупредувањата од земјите членки дека со оваа блокада „ЕУ си пука во нога“.
На Софија повторно ѝ било посочено дека во прашање е кредибилитетот на целата Европска Унија, а критиките од земјите членки кон позицијата на Бугарија биле „многубројни“, велат дипломатите во ЕУ.
Бугарскиот претставник порачал дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање и дека притоа Бугарија се наоѓа во „специфична ситуација“ поради претстојните избори во јули.
Европските дипломати брифираат дека врз основа на оваа позиција на Бугарија, нема никаква гаранција ни дека со политичка влада Софија ќе го деблокира ветото.
Претходно, и Бугарското национално радио повикувајќи се на свои извори, објави дека не се очекува промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото за Северна Македонија.
Според нив, Софија останува на позиција дека немало напредок со Скопје по однос на исполнување на Договорот за добрососедски односи во целост.
Исто така, огромното мнозинство земји-членки се против одвојување на Албанија и С Македонија во овој процес, а дипломатите присутни на состанокот оценуваат дека е речиси невозможно ова сценарио да се оствари, „освен ако нешто не се промени до крајот на денот“.
Ваквата бугарска позиција уште минатата недела ја најави привремениот бугарски премиер Стефан Јанев, кој во интервју за БНТ пред посетата на македонската делегација на Софија, рече дека не мисли дека Бугарија е во ситуација да отстапи или да направи компромис со својата позиција.