Ма каква Европа, одиме на избори!

Штом почна да ечи ураганот за загрозените права на Албанците од мнозинството Македонци и за тортурата на албанското малцинство врз Македонците сѐ друго станува помалку значајно во кутра Македонија. Почнуваат репризите од последниот чин од 32-годишната драма во битките за освојување на власта. Овојпат со многу пожестоко темпо.

Каква Европа и европски лажни вредности, какви разни белосветски емисари кои повикуваат на разум, бугарски диктати и асимилации, Бугари во Уставот, уставни промени, охридски и скопски договори! Сето тоа е гола вода во споредба со кревање на тензиите до точка на вриење поради загрозените национални права. Нема подобра предизборна кампања од крстови на планински врвови, џамии, цркви, музеи, споменици, химни, знамиња, славно минато, од одбележување на територии кој до каде е и што чие е.

Македонија има одлични изгледи по којзнае кој пат да се спаси од членство во ЕУ со одложување на неопределено време, од опасните реформи, од наездата и притисоците на Европа, на Америка, на НАТО, од домашните предавници и странски агенти и платеници и да ја сочува својата независност, суверенитет гордост и достоинство. Во подготовка е крунски доказ дека никогаш нема да влеземе во една таква, никаква протекционистичка Европа нереформирана, која само што не се распаднала. Ќе каскаме зад неа како лисицата зад овенот на кој само што не му паднале м…њата.

 

Што ако националистичката игра излезе од контрола?

По изборите, власта како и досега пак ќе се дели меѓу коалициските партнери Македонци и Албанци со утешителни награди за алиби остапки за сите други кои се хранат со помиите што се исфрлаат од големите бродови. Политичарите ќе ја закопаат жарта на омразата под пепелта која ќе се разгорува со леснотија во секоја наредна потреба. Корисните будали остануваат замрзнати до следните избори, кога ќе бидат пак оживеани.

Единствено нема никаков одговор што ако излезе од контрола целата оваа опасна националистичка игра со разгорување на меѓунационална омраза. Што ако Европа, Америка и НАТО кренат раце и сами побараат решенија за кои ние нема да одлучуваме и кои најдобро е да не ги спомнуваме да не станат примамливи ако некогашниот фактор на стабилност стане фактор на раздор.

Какво значње ќе има тогаш кој бил повеќе виновен за упропастување на државата? Какво значење ќе има тоа што на будалите отпосле им текнува дека најголема заштита на националните и државни интереси и за побрзиот економски и демократски развој и внатрешната стабилност и надворешната безбедност на земјата е сојузништвото на Македонија со ЕУ и со НАТО. Колку повеќе пати тоа ни го повтоуваат, толку посомнителни им се намерите.

Препуштање на државата на судбината, а не на сопствените рационални одлуки е пат во неизвесност. Шарлатанските партиски калкулации со блокади и со лаги дека во други околности без бугарски и европски дикатат ќе се постигнат подобри договори со соседите од оние што се усвоени во Собранието можат да се распаднат како меури од сапуница ако се променат геостратегиските интереси на големите сили кои ни велат „зграпчете го денот“, а ние со големо јунаштво и балканска итроштина им одвраќаме „кој ве шиша“.

 

Шуплива стратегија на „ем шуто, ем боде“

Шуплива е стратегијата на „ем шуто, ем боде“, која носи силни предизборни поени. Виде ли бе батка како ги отфикари нашиот лидер и Американците и Французите и Германците и бриселските бирократи? Алал вера, им ја затвори вратата пред нос. Е, тоа ти е државник. Човече, не ги прима, кој ги врти. Секогаш е добро да се крене голема ѓурултија во Собранието во пресрет на некоја значајна посета. Ќе доаѓал пак да нѐ убедува генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг. Ќе држел говор во Собранието пред пратениците. Голема работа, ќе кажел нешто важно, божем ние не знаеме дека сето тоа е заговор против Македонија. Затоа е најдобро во паралментот, да се направи некаква драмолетка, да знае гостинот кај доаѓа, па ако не сака да биде исвиркан најдобро е да не зборува. И онака „децата“ знаат што ќе каже. Ете тоа ни е арсеналот за одбрана од сојузниците во кои гледаме непријатели.

Кое е тоа проклетство во сѐ да откриваме заговор, да не ја препознаваме лагата и манипулацијата? А, толку е лесно тоа да се открие. Штом партиски лидер во својот јавен настап постојано се повикува на народот, веднаш треба да се препознае дека лаже. Ако папагалски повторува дека по победата и неговото устоличување ќе претстане криминалот и корупцијата, без да ги спомне реформите и преговорите со ЕУ, уште повеќе лаже. Тој журнал пред да почне филмот го гледаме со децении. Сведувањето на корупцијата и организираниот криминал на ниво да не ја јаде супстанцијата на државата е најважниот предуслов за членство во ЕУ. Но, не и единствен. Тоа не е работа само на правосудниот систем и казнените политики.

Партизираната држава со децении устоличена во институциите на системот, во судството, во образованието, во администрацијата, во здравството, во компаниите, во медиумите, па ако сакате и во домашното воспитување како патоказ на успех е метастаза која не се лечи со бабини деветини и говори. Тоа е огромна работа за повеќе влади и реформи кои силно ќе поддржуваат такви процеси, а не да бидат носители на криманалот и корупцијата. Тоа треба да биде основната мерка за успешноста на една власт, а не популизмот со пропагандите кој повеќе крадел. Такви гаранции и подготвеност за промени нема, освен во митингашки ветувања.(dw)

Ерол Ризаов

Back to top button
Close