Мајките на породилно најавија протест

Мајките кои се на породилно отсуство в четврток ќе протестираат пред владата која на седница вчера одлучи да ги врати на работните места родителите чии деца се до шестгодишна возраст и тоа почнувајќи од следната недела, 23 септември.

Затекнати и шокирани од оваа одлука, голем дел од мајките најавуваат дека ќе ги напуштат работните места и ќе останат дома зашто децата им се приоритет, особено во пресрет на есенскиот период во кој се очекува и сезонски грип и посилен бран на коронавирусот.

Поради тоа што одлуката за враќање на работа дојде неочекувано и ги стави родителките во небрано, тие имаат само една недела да најдат логистички начин да ги згрижат најмалите, особено зашто дел од нив воопшто не ги ни запишале во градинка, очекувајќи дека породилното отсуство ќе им трае до крајот на годинава, како што првично беше најавено.

Меѓутоа, предлогот на Комисијата за заразни болести породилното отсуство да трае до крајот на годинава, не беше прифатен на владината седница. Протестот ќе се одржи пред владата во четврток, од 17 и 30 до 19 часот, ќе бидат запазени сите мерки на заштита од коронавирусот, а пријавен ќе биде во полициската станица „Беко“.

Барањата на мајките се породилното да се продолжи до крајот на годинава како што првично беше најавено, од повеќе причини. Прво, тие стравуваат дека во пракса нема да се изведе зголемување на бројот на деца во група од шест на дванаесет, зашто ниту има доволно време да се обезбеди простор и кадар, ниту градинките имаат капацитет, така што оваа мерка според нив ќе остане само теорија. Дури и да сакаат, нема да има место да ги запишат децата во градинка.

Според најавите, на протестот ќе се вклучат и родителите кои користеа мерки за деца до 10 години кои се надевале на продолжување на мерката да останат дома, заради скратеното време на децата во училиште и помошта за оние кои ќе следат настава онлајн.

– Одговорот што ќе го добиеме од градинките ќе биде дека немаат капацитет, не запишуваат нови деца, а за ова сведочат и стотици мајки оваа година кои се обидоа да ги запишат своите деца во градинка. Како ќе се запазат протоколите и зошто тие се сменија, ако се знае дека безбедна група за деца до двегодишна возраст е онаа со шест, а не дури дванаесет деца? Периодот на адаптација за бебе да тргне во градинка и да се научи на јадење, храна и негувателки е минимум еден месец, а не недела дена колку што ни е дадена. Кога ќе бидат повторните уписи за оние деца чии мајки за време на уписите беа на породилно отсуство и без потреба да ги запишат децата во градинка – вели за ,,Слободен печат” Марија Младеновска, мајка од Скопје.

Еден од аргументите на протестот е тоа дека во време на пандемија е огромен ризик да се изнајми лице да го чува детето, а бабите и дедовците се кревка категорија. Огромен број мајки се ставени меѓу два огна, дали да се борат за финансиска егзистенција, или добробит за најмалите.

Целиот текст порчитајте го на Слободен печат

Back to top button
Close