Македонија меѓу земјите со најдолга работна недела
Според Евростат, 26,2% од вработените во Македонија работат и за време на викендите.
Реалното неделно работно време во Македонија според Евростат е 39,5 часа и е над просекот во Европската Унија кој изнесува 35,9 часа неделно. Податокот ги опфаќа вработените на возраст од 20 до 64 години со полно и неполно работно време во нивната основна работа.
Што влијае на должината на работното време?

Според експертите, клучни фактори се начинот на регулирањето на работното време, структурата на вработеноста, распределбата на работниците по занимања, структурата на економијата, уделот на одредени сектори во неа, продуктивноста, почитувањето на работните прописи, односот на работодавачите и моќта на синдиктите.
Подлого или попродуктивно?
„Попаметно искористено време или подолго работно време“, тоа е дилемата што си ја поставуваат работодавачите, но досега ретко кој се обидел да провери како функционира во практика.
Досега само една македонска компанија („Магнометал“ ДООЕЛ) реши во 2026 година да започне пилот-проект за воведување 4-дневна работна недела за своите вработени, без намалување на платата. Како што објаснија од компанијата, очекуваат дека 4-дневната работна недела ќе ја зајакне благосостојбата на нивниот тим, ќе ја
оптимизира оперативната продуктивност и ќе обезбеди подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот на вработените.
Според дел од работодавачите, за да се извлечат валидни оценки за ефект од таква одлука, потребна е минумум една година, а има специфични дејности каде што треба и повеќе време за согледување на ефектите.
Во некои компании се решаваат да ги намалат часовите во последниот ден од работната недела – во петок, ама на сметка на подолго работење од понеделник до четврток. Тоа е практично внатрешно прерспоредување на часовите, но велат дека на вработените им значи ако добијат повеќе слободно време пред сабота и недела, и тоа ги мотивира навреме да ги завршат задачите.
„Во некои сектори, каде работатата е многу интензивна во одредена сезона, некогаш се работи и подолго од 40 часови неделно. Но затоа има и период кога работата е ‘полабава’, па природата на дејноста некогаш и самата го прави балансот“, објаснува работник од туристичко-угостителскиот сектор.
Големи разлики
По ова прашање бројките за поединечни земји покажуваат големи разлики меѓу земјите на ЕУ. На пример, реалното неделно работно време во Холандија е 31,9 часа, а при дното на листата се и Германија и Данска со 33,9 часови реално неделно работно време.
Иако во Холандија работната недела на вработените со полно работно време е околу 40 часа, просечната работна недела ја намалуваат работниците со неполно работно време, кои учествуваат со над 40% во вкупната вработеност.
За разлика од Холандија, Грција со 39,6 часови го има најдолгото неделно работно време меѓу земјите на ЕУ. По Грција следат Полска и Бугарија со 38,7 часови и Литванија со 38,4. Од земјите во регионот кои се членки на ЕУ, Словенија има 38,3, а Хрватска 37,7 часа неделно работно време.
На врвот на листата не се членки на ЕУ. Рекордот го држи Турција, каде што просечната работна недела трае 42,4 часа, а веднаш зад неа се Босна и Херцеговина (40,9 часа) и Србија (40,6 часа) и Македонија со 39.5 часови.
Уделот на одредени сектори во економијата може значително да влијае врз просечното работно време, бидејќи некои индустрии бараат подолги работни часови од другите. Покрај националните разлики, според Евростат работното време драстично варира и по сектори. Најдолга работна недела во Европската Унија имаат квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството, кои во просек работат 42 часа неделно. По нив следуваат менаџерите со 40,6 часа, па припадниците на вооружените сили со 39,4 часа. Пократка работна недела имаат административните службеници – 34 часа и работниците во услужните дејности и продажбата – 34,5 часа.
Работа за викенд
Додека на листата за должината на неделно работно време Македонија е на петтото место, таа е на седмото место на класификацијата на Евростат според работењето во сабота и недела. Според овој индикатор, 26,2% од вработените во земјата работат за време на викендите. На прво место е Грција со 31.5%. Таа меѓу членките на ЕУ има најголем број работници за време на викендите или 1/3 од работниците. Следи Кипар со 31.3%, БиХ со 30.8%, Швајцарија со 29,3%, Малта 29,2% и Италија со 26,9%. Во Србија 24,8% граѓани работат во сабота и недела, а во Бугарија само 7%. На дното на листата се Полска (4.2%) и Литванија (3%).
Просекот во ЕУ изнесува 18.5%, а под него се многу земји на ЕУ меѓу кои Шведска со 18.2%, Финска со 16.7%, Германија со 16.2%, Холандија со 14.9%, Луксембург со 13.9%, Словенија со 13.8% и Хрватска со 13.7%.
Над просекот на ЕУ се Португалија (19.5%) Австрија (20.6%), Норвешка (21.2%), Шпанија (23.9%), Франција (25.7%) и Ирска (25.8%). (dw)






