Македонскиот јазик во вителот на шпекулации и предупредувања

Ако Скопје бара ревизија на јазичната формула што е прифатена во билатерални документи, може да се помисли и за „друга можност“, предупредува лингвистка од Институтот за бугарски јазик при БАН.

По Владата, вчера лично и премиерот Заев ги демантираше тврдењата на бугарски медиуми дека од македонска страна во Софија била понудена формулација за јазичниот спор која гласела дека „Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик, но и на различни, кои се светски признати одделно“. Според премиерот се говорело „дека имаме два слични, но различни и меѓународно признати јазици”.

Ова е дел од одговорот што премиерот го даде вчера одговарајќи на новинарско прашање, за она што било потврдено во разговорите со бугарските власти при посетата на Софија на 17-ти јуни.

„Потврдивме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјите и дека обострано не се мешаме во малцинските права, ја потврдивме Декларацијата од 2006 година од македонскиот парламент во која се осудуваат жртвите од 1945 до 1990 година, декларација со која ги јакнеме нашите пријателски врски, во која зборуваме дека – да, имаме два слични, но различни и меѓународно признати јазици (конечно и да ја демантираме она лажна теза што беше пласирана) – да, двете земји веруваме дека имаме заедничка историја и – да, дека потврдуваме дека постојат луѓе што веруваат дека сме припадници на ист народ, како што има и други што веруваат дека сме сосема посебни народи.  Секако, никогаш не го отворивме прашањето на нашиот идентитет и македонски јазик. За иденитетот и јазикот никогаш не се преговара“, дециден беше Заев.

Анализа на шпекулативната формулација

Но, во бугарската јавност не е демантирано тврдењето за формулација „ист јазик, признат како два одделни“ што ја објави во „24 часа“, а врз основа на таквото медиумско тврдење направена е и анализа за наводната формулација за јазикот, од страна на професор д-р Ана Кочева, раководител на Одделот за бугарска дијалектологија и лингвистичка географија на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките (БАН).

Посочената формулација за јазикот од страна на „24 часа“ (а демантирана од македонска страна), таа ја оценува како нов обид да се отфрлат постановките за кои веќе имало согласност и било донесено решение, односно обид да се прави постојана ревизија на сѐ што било постигнато досега, исто како што се работело и во зедничката комисија за историски прашања.

Без да спомне „македонски јазик”, тaа го повторува ставот дека „Бугарија нема аспирации во врска со современото битие на официјалниот јазик на PCM и во однос на начинот на кој го нарекуваат тој јазик во PCM”.

„Повеќе од јасно е дека во однос на историјата на јазикот и неговите дијалекти, не може да се направи никаков компромис од бугарската страна! Историјата на бугарскиот јазик започнува од 7 век, поминува низ Кирило- Методиевата епоха, во времето на Преродбатата и стигнува до нашите денови. Историјата на денешниот официјален јазик на РСМ започнува во 1944 година како прекодификација на литературниот бугарски јазик. Бугарската страна дури и во тој смисол прави одреден компромис, кога ги употребува термините ‘заедничка историја’ и ‘заедничка историја на јазикот’ наместо само ‘бугарска историја’ и ‘бугарска историја на јазикот’“ пишува Кочева.

Таа потенцира дека не постои државна практика за „меѓународно признавање” на јазиците одделно, бидејќи прашањето за постоење или непостоење на еден јазик е научно прашање.

„Не е познато досега некој европски јазик да бил признаван или непризнаван со политички договор”, вели таа, а во анализата дури и предупредува или навестува што ризикува Скопје ако бара ревизија на јазичната  формула.

„Ако од страна на Скопје се настојува за ревизија на јазичната формула утврдена и заеднички прифатена во билатералните и мултилатералните документи, веројатно може да се помисли за можноста новото државно име на земјата да се пренесе и кон именувањето на јазикот. Во секој случај, Бугарија покажува почит кон јазичната норма на Република Северна Македонија во нејзиниот правен квалитет што произлегува од уставот на земјата”, посочува Кочева.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги минира позициите

Голем дел од пораките од јавни личности во бугарското општество не одат во прилог на градење на доверба меѓу двете земји, а некои од нивните ставови произведуваат и сомнежи околу темите што се ставени на масата за разговори. На недостигот од информации, опозициската ВМРО – ДПМНЕ подолг период реагира до власта. Од партијата и натаму бараат одговори за содржината на предлогот што премиерот го доставил во Софија.

„Има и две лоши тенденции. Едната е дека Заев крие што предлагал за македонскиот јазик и историја. Никој не знае кое е новото национално понижување на кое тој е подготвен да се согласи. Заев на овој начин трајно ги минира позициите на Македонија. Наша обврска е преку реформи и стандарди да се избориме заслужено да бидеме земја членка на ЕУ. Но, тоа да го направиме како Македонци од Македонија кои зборуваат македонски јазик. Без загрозување на виталните национални интереси“, порачуваат од партијата.

Nordmazedonien Parteizentrale der VMRO-DPMNE in Skopje

Оттаму потсетуваат дека и по три години ветувања дека сме го добиле датумот и дека почнуваме преговори со ЕУ, граѓаните добиваат само разочарувања.

„Уште пред три години, Заев вети дека ќе си поднесе оставка доколку не почнеме преговори со ЕУ”, го потсетија од ВМРО-ДПМНЕ премиерот.

Според голем дел од реакциите во домашната јавност, расте мислењето дека треба да запрат разговорите со Софија, дури и по цена на застој на патот кон ЕУ, или барем да не се одвиваат кога соседната земја е во предизборен период

Back to top button
Close