Македонските „вештерки“ од Салем

Професорот Гордан Калајџиев вели дека етичката „потерница“ издадена за обвинителката Ленче Ристоска од Советот на јавни обвинители личи на ловот на вештерки од инквизицијата поради изречениот став за нефункционалноста и подложеноста на влијание на ова тело. Тоа е добра паралела. Но можеби е уште подобра онаа од озлогласените процеси протв вештерките од Салем во Масачусетс, САД, во 1692 година, кои оставија неизбришлива трага во глобалната историја за бесмислениот прогон. Инквизицијата имаше длабоки религиозни и други идеолошки канони длабени со векови во конзервативната црква која не сакаше никакви предизвици. Судењата на „вештерките“ од Салем, а потоа и егзекуциите, беа предизвикани од хистеријата и празноверието во колонијалниот Масачусетс, без идеологија, без канони – единствено од бесмислен страв на една мала заедница дека девојки се опседнати од ѓаволот и преминале во вештерство.

Преминала ли во „вештерство“ Ленче Ристоска кога пред некој ден изјави дека „Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание… каде владее клиентелистички однос и треба да се реформира… Треба да се разгледа опцијата Советот да биде ад-хок тело кое ќе се состанува по потреба“. За таа мала заедница од Советот на јавни обвинители (и концентричните кругови околу неа) ваквите зборови може да изгледаат како некаква модерна „опседнатост со ѓаволот“ и треба да се сосече во корен пред Етичкиот совет на јавното обвинителство затоа што тоа биле паушални изјави.

Може Етичкиот совет да донесе дисциплинска мерка против Ристоска, може да ја отфрли пријавата, може и воопшто да не расправа со одолговлекување. Може и големците од Советот по архивите да бараат што работела Ленче Ристоска последниве четири години (на тоа досега не им текнало), може и други работи да покренат. Бидејќи тие не се раководат од идеологија или канони како инквизиторите, тие дејствуваат одбранбено инстинктивно – еден обвинител кој остави впечаток во јавноста во последниве седум-осум години со својата смиреност, јасно образложување на мисли и обвиненија треба да биде отстранет за да може малата заедница, која некако се нашла во Советот, да може мирно да си работи како и досега, без да биде вознемирувана. И тоа од нивна колешка.

Ваквата реакција на луѓето од Советот не е израз на моќ, туку слика на голема немоќ. Треба да се „убие“ гласникот, а не да се мисли на содржината на пораката. Можевте да ги видите на телевизиските инсерти обвинителите од Советот и нивниот говор на телото додека зборуваше претседателот. Некој гледаше настрана, некој горе, некој празно пред себе. Сите тие го гледаат својот пораз во јавноста додека се изговараа речениците за „гревовите“ на Ленче Ристоска. Тука може да се зборува за клиентелизмот што го спомна Ристоска, а за кој девет од десет луѓе ќе ви речат дека навистина го има, може да се зборува и за политички инклинации и разбирање на моќта на разни центри – но основната работа е во квалитетот на „материјалот“ што седи во Советот. Можеби тие се квалитетни обвинители, но дали тој квалитет е доволен да се раководи со едно тело толку важно за ситуацијата во многу важен сегмент во правосудството.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски

Тоа прашање за квалитетот на едно стручно тело речиси може да се преслика и во Судскиот совет. Нема потреба премногу да се додава на сето она што го кажаа и колегите и експертите за настаните што се случуваа во Судскиот совет и сите квалификации што беа изречени. Само можеме да додаме дека потпретседателот на Советот наликуваше на оној историски лик од Тексас пред 140 години, Рој Бин, која салунот го претвори во судница, самиот се прогласи за судија и делеше правда според својот закон. Многумина можеби се сеќаваат на вестерн комедијата во која ликот на „судијата“ Рој Бин го толкуваше Пол Њумен. Така наликуваше потпретседателот на Советот – тој сам го толкуваше законот, деловникот, правилата на играта. Пресуда без доволен број гласови – тоа и не е толку важно. Важно е да се манифестира гнев, решителност и да се преземе играта во свои раце.

Како во комедијата со Пол Њумен и овде имаше смешни моменти во трагичноста на настаните. Поранешната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, жестоко зборуваше со Весна Дамева пред да биде „разрешена“ зошто не им го разделила писмото на американската амбасадорка Ангела Агелер,во кое таа наведува толку многу остри зборови за состојбата во судството и посочува неколку случаи кои ги знае целата јавност. За потоа да гласа за незаконско разрешување на Дамева. Commedia dell’arte. Што е поважно во овој најевтин од најевтините судски водвиљи? Личната одмазда поради наводната хајка што ѝ се вршела на Црвенковска од нејзината наследничка, или наводите на Агелер во писмото што најпосле им било поделено?

Клучното прашање сега е дали од ова неповратно потонување на Судскиот совет државата може да има некаква корист. Се разбира дека може да има ако се осмислат и спроведат добри потези. Веќе не е прашање дали судството е независно. Па дури и да е независно во донесувањето на катастрофални одлуки кои го влечат целото општество назад со голема брзина. Дали поради неговата „независност“ целата држава треба да заглави во место 10 години? Приказните за тоа дека во правосудниот систем имало „чесни и компетентни судии“ и други кои ја уривале довербата во него веќе стануваат бесмислени. Нив треба да ги избегнуваат и адвокатите, и политичарите, и експертите. Затоа што декада-две се употребува тој речник во телевизиските и експертските дебати. И каква е користа од тоа? Апсолутна никаква.

Државата ѝ овозможила на судската власт да биде независна. И како му враќа таа на општеството со сликите оваа недела од советите на судиите и обвинителите? На начин на кој што ја поткопува вербата на граѓаните и во државата и во способноста на општеството во целина да се справи со искушенијата што се пред него. Може ли некој да се однесува како да не живее овде и да става „клоцни“ на секој чекор напред на граѓанството?Прашање е како може да се направи тоа. Министерството за правда го побара записникот од скандалозната седница на Судскиот совет, веројатно држејќи се до законските ингеренции. Професорот по уставно право, Денис Прешова, вели дека пратениците во Собранието треба веднаш да иницираат интерпелација против сегашната и поранешната претседателка на Судскиот совет, да ги испитаат нивните наводи за влијанијата и притисоците што ги трпеле. Тоа е еден можен чекор.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека Судскиот совет треба да пријави ако некој им се меша во работата. Тоа е коректна изјава, но таа не го решава проблемот. Затоа што речиси секој во државава може да се обложи дека никој од членовите на Судскиот совет нема да каже дека некој им се меша во работата. Павлина Црвенковска тоа го спомена во својата оставка и оттогаш замолче. После четири месеци од нејзината оставка може ли да ѝ се верува на нејзините зборови? Лесно е да се пуштат, но за да се поткрепат потребни се храброст и факти. Или на сите во Судскиот совет им е многу удобно додека седат во фотелјите на телото и при тоа ќе кажат нешто што во одреден период ќе ја размрда баруштината. Потпретседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, во тоа тело е од 2013, значи уште во годините кога ЕУ ја оквалификува Македонија како заробена држава. Дали тој како Робинсон Крусо бил надвор од тие настани, а сега како Рој Бин наеднаш самоволно ја презема власта и правдата во свои раце?

Добрата работа е и што со овие снимки од хаотичната седница на Судскиот совет ги погледнавме лицата на луѓето кои избираат судии во сите рангови до највисоките. Порано јавноста главно ги знаеше неговите претседатели, сега таа доби јасна слика за целата дружина и може да ги оценува нивните професионални и човечки квалитети. Тоа е сликата што нив самите треба да ги загрижи, општеството веќе одамна пие „аналгини“ при споменувањето на нивната работа.

Како што спомена еден од членовите на Судскиот совет на седницата кога се разрешуваше Дамева: „Ова не личи на ништо“.

Навистина, тоа не личи на ништо. Прашањето е дали таа дружина сфаќа дека не личи на ништо. Ако спроведуваат политички агенди, тоа е срамно. Ако, пак, се водат според свите лични агенди, без да размислуваат на општествената корист, е уште посрамно.

Судскиот совет нема да изнајде сили сам да ги реши своите проблеми, како што порачуваат некои. Не со насилната смена на Весна Дамева, туку со начинот на кој не функционира, и покрај тоа што носи одлуки. Нему треба да му се помогне, за да му се помогне на општеството, бидејќи тоа најмногу ќе страда. Како што рече вчера европскиот амбасадор Дејвид Гир: „Случувањата во Судскиот совет не одат во правецот што го очекуваме во ЕУ“.

Најпосле, едно прашање: видел ли некој или прочитал изјава на обвинителот што го води одделението за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази? Човекот како да пропадна в земја по неговиот избор.

Љупчо Поповски

Извор: дв

Back to top button
Close