Макрон: Израел има право да се брани, но борбата не може да биде без правила

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја отвори конференцијата за помош во Газа со апел до Израел да ги заштити цивилите додека се бори против Хамас, велејќи дека „сите животи имаат еднаква вредност“ и дека борбата против тероризмот „никогаш не може да се спроведе без правила“, објави „Франс24“.
На собирот во Париз присуствувале претставниците од западните и арапските нации, Обединетите нации и невладините организации, со цел да се обезбеди итна помош за цивилите во Појасот Газа, кој е погоден од Израел во неговата војна против Хамас.
„Израелските власти не беа поканети, но се информирани за разговорите,
соопшти кабинетот на Макрон.
Макрон ги повтори повиците за хуманитарна пауза во операциите на Израел. Рече дека со нападот на Израел на 7 октомври, Хамас „ја презеде одговорноста за изложување на Палестинците на страшни последици“, и тој повторно го бранеше правото на Израел да се брани.
Но, Макрон исто така истакна дека цивилите мора да бидат заштитени.
„Тоа е апсолутно суштинско. Не може да се преговара. Сите животи имаат еднаква вредност и нема двојни стандарди“,
рече тој.
Според него, борбата против тероризмот никогаш не може да се спроведе без правила, а како што вели Израел го знае тоа.
„Замката на тероризмот е за сите нас иста: попуштање на насилството и откажување од нашите вредности“,
додаде тој.
Повеќе од 1,5 милиони луѓе – или околу 70 отсто од населението на Газа – ги напуштија своите домови, а се проценува дека се потребни околу 1,2 милијарди долари за одговор на кризата во палестинските области.
Подолгорочно, Макрон, исто така, рече дека дипломатската работа мора да продолжи за воспоставување мир на Блискиот Исток, со решение со две држави.