Макрон: Проширувањето на ЕУ да се случи што е можно побрзо

Францускиот претседател, Емануел Макрон на форумот во Братислава побара проширувањето на Унијата да се случи што е можно побрзо. Тој рече дека ЕУ мора да избегне грешки во поглед на проширувањето кои би влијаеле на нејзината безбендост.

„Првата грешка би била да се остане на статусот кво, да му се даде надеж на Западниот Балкан на пример, Молдавија и други и да се игра на факторот време. Верувам дека тоа би била огромна грешка. Сметам дека тоа би им дало простор на оние кои би сакале да ја дестабилизираат Европа. Би се разбудиле едно утро и ситуацијата би била многу подраматична“, рече Макрон.

Сепак според него не треба да биде проширување колку само да има проширување. Макрон смета дека тоа би било втора грешка и такво проширување би ја ослабнало Унијата.

„Поради тоа треба да се обрне внимание на спецификите на новите земји-членки кои ќе станат партнери во сите чувствителни области на ЕУ, а Унијата поради тоа ќе им поставува нови и нови услови во различни области“, рече Макрон.

Макрон рече дека Унијата никогаш не била направена за бесконечно проширување во географски рамки.

„Унијата треба да се прошири, но истовремено и треба реформа на нејзиното менаџирање, различни формати на дебати и да се знае кој е точно одговорен за што, а земјите од Западниот Балкан и Молдавија тоа треба да го знаат“, рече Макрон, и додаде дека Европската политичка заедница, на која утре тој ќе се сретне со лидерите од 46 држави, за него не може да биде замена за проширувањето на ЕУ.

Back to top button
Close