Маларија се појави на аеродром во Германија: шестмина заразени, двајца починати
Необична појава на маларија предизвика загриженост во Германија, откако шестмина вработени на аеродромот во Франкфурт се заразиле со оваа болест, а двајца од нив починале.

Германските здравствени власти истражуваат како дошло до заразувањето, а една од главните претпоставки е дека заразени комарци можеби биле внесени во земјата со авион.
Првите случаи биле регистрирани во јули, кога било потврдено дека четворица работници заболеле. Во меѓувреме, бројот на заразени се зголемил на шест, а во средата здравствените власти потврдиле дека две лица починале.
Случајот го истражува Заводот за јавно здравје во Франкфурт. На аеродромот се поставени посебни стапици за комарци, а уловените инсекти ќе бидат испратени на лабораториски анализи за да се утврди на кој вид му припаѓаат и од каде потекнуваат.
Се анализираат и примероци од крвта на заразените работници, со цел да се утврди дали станува збор за пренос од ист комарец или од повеќе различни инсекти. Резултатите од анализите се очекуваат за неколку недели.
Компанијата „Фрапорт“, која управува со аеродромот, потврди дека еден нејзин вработен починал од последиците на инфекцијата, по што здравствените власти соопштиле дека вкупно починале две заразени лица.
Од компанијата велат дека сите вработени биле детално информирани и советувани да побараат лекарска помош доколку почувствуваат симптоми.
И покрај случајот, здравствените власти оценуваат дека ризикот за населението во Франкфурт е исклучително низок. Маларијата не се пренесува директно од човек на човек, туку преку убод од заразен комарец.
Според Институтот „Роберт Кох“, четворицата работници кај кои првично била откриена инфекцијата се разболеле во периодот од 4 до 6 јули. Институтот тогаш оцени дека пренесувањето на маларија на германски аеродром е исклучително ретко и дека најверојатното објаснување е внесување на заразени комарци со авион.
Маларијата е паразитска болест која ја пренесуваат одредени видови комарци и најчесто се појавува во тропските и суптропските подрачја. Иако може да се спречи и лекува, во одредени случаи може да предизвика тешки компликации и да има смртоносен исход.
Во Германија најчесто заболуваат лица кои претходно патувале во региони каде што маларијата е распространета. Токму затоа појавата на случаи кај лица без таква историја на патување претставува исклучително невообичаен настан.
Експертите предупредуваат дека отсуството на патување во подрачја каде што има маларија може да ја отежни и забави дијагнозата, што дополнително го зголемува ризикот од тежок тек на болеста.
Последниот случај на маларија поврзан со германски аеродром бил регистриран во 2023 година, исто така во Франкфурт.
Истрагата за потеклото на комарците и начинот на кој можеби биле внесени на еден од најфреквентните европски аеродроми продолжува.





