Маск за УСАИД: „Тоа е криминална организација, време е да умре“
Администрацијата на Трамп во текот на викендот испрати на административно отсуство уште десетици вработени во американската Агенција за меѓународен развој, рекоа три извори запознаени со потегот, бидејќи се обидува да ја укине независноста на агенцијата и да ја стави под контрола на Стејт департментот, јавија американски медиуми.
Речиси 30 вработени во Бирото за законодавни и јавни односи на агенцијата го загубија пристапот до нивните е-пошта во текот на ноќта, велат изворите, со што вкупниот број на високи вработени во УСАИД кои беа пуштени на одмор во текот на изминатата недела се приближи до 100.
Двајца високи функционери кои ги надгледуваа безбедносните операции на агенцијата, исто така, беа ставени на административно отсуство, откако одбија да ги предадат доверливите документи на службениците на Одделот за владина ефикасност (DOGE) на Илон Маск, рече еден од изворите.
Мет Хопсон, кој беше назначен за шеф на кабинет од администрацијата на Трамп, поднесе оставка, соопштија пет извори запознаени со ова прашање. Извор од Конгресот рече дека неговата оставка уследила откако безбедносниот персонал бил пуштен на одмор.
Претседателот Доналд Трамп нареди замрзнување на речиси целата американска странска помош, велејќи дека неговата администрација ќе ги прегледа трошоците за да се осигура дека парите се распределуваат во согласност со неговата надворешна политика „Америка на прво место“.
Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, Брајан Маст, денеска рече дека го поддржува преминувањето на УСАИД под Стејт департментот и дека треба да има „повеќе команда и контрола“.
Во меѓувреме, милијардерот, сојузникот на Трамп, Маск, денеска продолжи да ги критикува Стејт департментот и УСАИД во своите објави и објавувања на X. Трамп го задолжи Маск да води федерална комисија за намалување на трошоците со широки овластувања за надзор.
Маск ја обвини денеска УСАИД дека е „криминална организација“ без да обезбеди никакви докази и додаде – „Време е да умре“.