Матичните лекари добија протоколи како да го препишуваат лекот „ивермектин“ за ковид-19

Стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и центрите за ковид-19 при интернистичкиот блок, изготвија мислење за употребата на лекот „ивермектин“ кај пациенти со ковид-19 кое вчера им е доставено на матичните лекари, соопшти Министерството за здравство.
Протоколот преку Лекарската комора во текот на вчерашниот ден беше испратен до матичните лекари. До крајот на неделата Лекарската комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во целата земја за да се дообјаснат протоколите, а веќе следната недела Комората ќе организира онлајн дискусија со клиничките доктори (лекарите кои работат во болниците) за употребата на лекот.
„Ивермектинот“ не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на Фондот за здравство. Согласно Решението на МАЛМЕД лекот се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт.
Министерството за здравство потенцира дека „ивермектинот“ е антипаразитски лек со широк спектар на делување, неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација. Апелираме граѓаните на своја рака да не го пијат лекот „ивермектин“, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи „ивермектинот“, нагласуваат од Министерството за здравство

Back to top button
Close