Меџити: Народот вели дека ДУИ сега им личи на ВМРО на Мијалков
Изет Меџити, потпретседател на ДУИ и предводник на „огнената група“ во партијата, синоќа на ТВ21 кажа дека ДУИ денес е на исто ниво како ВМРО-ДПМНЕ во времето на Сашо Мијалков.
„ДУИ не беше ваква. Во последно време, народот зборува дека ДУИ повеќе личи на ВМРО на Сашо Мијалков или некогашната ДПА. Во ДУИ денес одлуки носат само двајца или тројца. Имаат апсолутна власт. Доколку некој има различно мислење од тие двајца-тројца следува реваншизам. Ја користат моќта за да ги замолчат тие што размислуваат поинаку. Ги интересираат само бизнис зделки и ништо друго“, кажа Меџити.
Потпретседателот на ДУИ, Меџити тврди дека не успева да го препознае лидерот на партијата Али Ахмети со последните постапки што се преземаат.
„Али Ахмети ваков не го познаваме. Тој беше тој што држеше долги состаноци на претседателството, ги слушаше мислењата за и против, никого не оставаше настрана, играше улога на родител. Ги слушаше двете страни и на крај ќе пресечеше“, изјави Меџити.
Меџити смета дека со дозвола на Ахмети целата власт на партијата е во рацете на Артан Груби.
„Која е пораката за идните генерации на кои сакаме да им ја оставиме ДУИ или албанската политика. Албанците треба да бидат униформирани и да мислат само како што мисли лидерот, а во случајов Артан Груби. На моменти има дилеми дека лидер де факто е Артан Груби“, изјави Меџити, и додаде дека Ахмети е главна фигура на ДУИ, основач и тешко е да се помисли на ДУИ без Ахмети на чело на партијата.