Меџити: Постабилна влада немало

Според него, повикот на премиерот Христијан Мицкоски упатен до лидерот на опозицијата Венко Филипче бил изваден од контекст, односно во Собранието се водела дебата – партиски прашања и одговори

Нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна влада, а оваа влада е најстабилна од 90-тите години до сега, оцени денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Според него, повикот на премиерот Христијан Мицкоски упатен до лидерот на опозицијата Венко Филипче бил изваден од контекст, односно во Собранието се водела дебата – партиски прашања и одговори.

„Од 90-тите години до сега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова, 78 пратеници, и тоа расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80 што е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници, непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа само е трошок за државата и губење време“,рече Меџити одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на депонијата „Дрисла“ во Скопје.

Тој нагласи дека организирањето предвремени избори не е добро бидејќи најмалку шест месеци пред и после изборите запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања.

„Тоа влијае многу на економијата и на бизнисот. Затоа мислам дека нема да бидат среќни да има предвремени избори тие што сакаат да работат, односно бизнисот во оваа држава“,нагласи Меџити.

Мицкоски, повикот за предвремени избори во четвртокот го упати одговарајќи на пратеничко прашање од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче за време на собраниската седница посветена на пратеничките прашања, го повика Мицкоски да се повлече од функцијата бидејќи, како што рече, ги погазил своите ветувања.

„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете ‘северна’. Е ајде, премиере, еве сега шанса во Собранието да го вратите мандатот. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков рбет“,рече Филипче.

Мицкоски, пак, на ова го повика на изборно соочување.

„Ако сакате да одиме на избори, да се провериме заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но, да не се удавите во длабокото, каде што ве носат“,рече Мицкоски во одговорот.

Back to top button
Close