Мексико му предало на САД 29 наркобарони, во пресрет на најавените царини

Мексико предало на САД 29 наркобарони по заканата од претседателот Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за увоз на стоки од оваа земја. Наркобароните се обвинети или осудени за раководење на наркокартели, убиства и други злосторства, пренесуваат денеска дел од американските медиуми.

Меѓу екстрадираните е Рафал Каро Кинтеро – еден од основачите на картелот Гвадалахара, дилер на дрога во САД во 1970-тите и 1980-тите години кој бил во бегство од 1985 година кога наводно убил агент на американската Агенција за борба против наркотроговијата (ДЕА). Предадени се и Мартин Сотело, осомничен за учество во убиството во 2022 година на заменик-шерифот Нед Берд во градот Шарлот, Северна Каролина, како и Антонио Осегера Сервантес – лидер на Халиско, таканаречен картел на новата генерација.

Пем Бонди, главна обвинителка на САД, изјави дека членовите на картелите ќе бидат гонети „целосно строго согласно законот“. Според неа, претседателот на САД, Доналд Трамп, „јасно стави до знаење дека картелите се терористички групи“, па затоа Министерството за правда има намера „да ги уништи“.

Одлуката за масовната екстрадиција властите на Мексико ја донеле по заканите на Трамп дека ги зголемува увозните царини за мексиканските производи. Белата куќа го обвини Мексико дека не се бори доволно против нелегалната имиграција и трговијата со дрога.

Трамп вчера изјави дека царините во висина од 25 отсто за производи што доаѓаат од Мексико и Канада треба да стапат на сила на 4 март, плус тарифите од 10 отсто за увоз на стоки од Кина. Тој го оправда ова со фактот дека дрогата од овие земји продолжува да влегува во САД.

-Продолжуваме со преговорите со Кина, Мексико и Канада. Постигнавме добро ниво на контрола врз ситуацијата со имиграцијата, но проблемот со смртните случаи од фентанил сè уште предизвикува загриженост, рече Трамп.

Back to top button
Close