Мерц од Тиват: ЕУ мора да покаже дека е способна за проширување, потребни ни се нови идеи
Според германскиот канцелар, фактот што Европската Унија нема примено ниту една нова членка изминатите 13 години покажува дека постојат недостатоци и од самата Унија во однос на процесот на проширување

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска од Тиват оцени дека процесот на проширување во Европската Унија е многу бавен и дека се потребни нови идеи за дополнително охрабрување на земјите од регионот да спроведат реформи. Порача дека Европската Унија мора да покаже дека е способна за понатамошно проширување.
„Европската Унија мора да покаже дека е способна да се прошири, тука сме за да разговараме за тоа. Секако, постојат низа прашања на кои мора да одговориме заедно, но пред сè, мора да биде јасно дека овој дел од Европа има европска перспектива и припаѓа на Европската Унија“,рече германскиот канцелар одговарајќи на новинарски прашања пред Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Според германскиот канцелар, фактот што ЕУ нема примено ниту една нова членка изминатите 13 години покажува дека постојат недостатоци и од самата Европска Унија во процесот на проширување.
„Фактот што не сме примиле нови членови веќе 13 години покажува дека има недостатоци и од страна на Европската Унија. Токму ова сакаме да го надминеме денес“рече германскиот канцелар пред Самитот.
Мерц потврди дека германско-француската иницијатива ќе биде на маса на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.
Нон-пејпер на Германија и Франција за постепена забрзана интеграција на Западен Балкан во ЕУ
Потврди дека имал голем број средби со претставници на регионот во Црна Гора и изрази надеж дека ќе се постигне договор меѓу учесниците, за потоа, како што рече, новите идеи да се имплементираат во Брисел.
„Охрабрен сум од дискусиите што ги имавме утрово. Сепак, сè уште имаме долг пат пред нас. Но, работата е остварлива. Некои земји, а особено земјата домаќин, веќе достигнаа ниво каде што можеме многу брзо да постигнеме заеднички резултати. Се надевам дека тоа ќе се случи“,рече Фридрих Мерц.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека имал средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц, од која рече дека е исклучително задоволен. На неа, како што кажа, станало збор и за нон-пејперот на Германија и Фрација кој промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати.






