Мицкоски бара лидерска за проблемот со Бугарија, од Османи повеќе политичка култура

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика лидерите на релевантните политички партии да организираат лидерска стредба на која ќе се разговара за сите битни прашања како за проблемот со Бугарија, пописот, економијата, образованието. Тој на прес конференција рече дека лидерската треба да биде свикана од претседателите на партиите, а не од шефот на државата.

За коментарот на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ шпекулирал и дека немало предлози од Бгарија за нов договор, Мицкоски рече дека очекувал поголема политичка култура од шефот на диполоматијата.

– Очекувам повеќе политичка култура од Османи. Ги повикувам лидерите на политичките партии на лидерска средба, да седнеме и да разговараме отворено за проблемите со нашиот источен сосед. Не верувам дека Бугарија ќе ја блокира Македонија и ги охрабрувам тоа да не го направат. И порано имав телефонска комуникација со Османи, за жал навикнат сум да слушам невистинити работи од другата страна на линијата. Многу политичари заборавија што значи чест и честитост и збор. Како ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме релевантните политички лидери да разговараме за сите крупни прашања, за преговори со нашиот источен сосед, за пописот, за економијата, за дебаклот во образованието и заеднички да излеземе со решенија – рече Мицкоски.

Тој повтори дека стои на ставот дека е разговарано за нов договор со Бугарија кој ќе подразбира измени на Уставот, и како што рече, зошто досега никој од бугарска страна не го демантирал за тоа.

– Стојам на овој став, стојам дека е разговарано за нов договор помеѓу нашиот источен сосед и Македонија, кој што ќе биде сличен на Преспансиот и ќе опфаќа уставни измени. И чудно зошто тоа никој од бугарска страна никој не го демантираше. Еве ве охрабрувам и вас како медиум да го поставите тоа прашање на политичарите на нашиот источен сосед, дали е ова вистина. Чудно е зошто никој од нивна страна не го демантираше сето тоа. А зошто дојдовме до таа состојба, е тоа е веќе друго прашање. Кои се политичарите кои не доведоа да ние денес стравуваме за нашата евро перспектива како држава. Тоа е веќе прашање кое што заслужува лидерска средба отворен разговор, и после тој разговор да излеземе или ќе понудиме решение или конечно ќе кажеме дека ние не можеме да се разбереме меѓу себе и тогаш ќе треба да бараме друг пат – рече Мицкоски.

Back to top button
Close