Мицкоски: Нема да учествуваме во криминал на векот

Гринфилд или браундфилд инвестиција за Клинички центар? Власта нема дилема, и опозицијата исто така, но нивната поларизирана позиција засега не води кон никакво решение.

  

 

На крајно спротивставени ставови остануваат власта и опозицијата по прашањето на Клиничкиот центар. Во прашање се два различни концепта и различни цени: власта предлага изградба на сосема нов Клинички центар на друга локација чија изградба би чинела 500 милиони евра, а ВМРО-ДПМНЕ се залага за изградба на постојниот Клинички центар, проект кој би бил трипати поевтин и пофункционален.

„Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е да се изгради Клинички центар ‘Мајка Тереза’ согласно со студијата и планот на Европската инвестициска банка кој е на неколку стотина страници, и врз основа на кој државава доби и кредит 70 милиони евра, а целиот би чинел околу 120 милиони евра. Тој е на површина од 17 хектари, се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, од кои 2.300 лица медицински персонал и 1.100 лица административен и технички персонал. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно. Новиот Клинички блок е проектиран со вкупно 855 кревети, од кои 720 кревети за болничка нега, 101 кревет за дијагностички функции, интензивна нега и рехабилитација и 34 кревети во дневни болници“, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај ова, предлагаат и нов клинички центар во Карпош, и негово спојување со ГОБ „Осми септември“ и поликлиниката болницата ’Букурешт‘.

„Ќе се вклопи и земјиштето меѓу тие две болници, а предност е што има поврзаност со два булевари, има систем за топлификација, а и гасификацијата поминува таму. Ќе се искористи постојната инфраструктура. Така ќе се добијат два клинички центри. Планот на ВМРО-ДПМНЕ е да се направи и дисперзирање, правење на неколку клинички центри низ целата држава. Главниот фокус е да се инвестира во знаење и мозоци. Предлогот е правен со познати докторски имиња и стручњаци од медицинските науки“, потенцираат од партијата.

Мицкоски не добил одговор од Заев

Од страна на партискиот лидер Христијан Мицкоски ова му било презентирано на премиерот Заев, на средбата што ја имаа на 29-ти март во Клубот на пратениците. Премиерот тогаш изразил интерес, побарал да му биде пратен проектот и го добил, но до денес Мицкоски не добил одговор од Заев.

А токму на таа средба, се чинеше дека се надминати голем дел од несогласувањата: двајцата се договорија за одложување на пописот за септември, на локалните избори за втората половина на октомври, но и за деблокада на закони во Собранието, меѓу кои беше предлог-законот за нов Универзитетски клинички центар.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека тие зборуваат за сериозен проект од неколку стотина страници, за разлика од власта која немала основен проект за изградба, туку само физибилити студија на 35 страници. Според опозициската партија, несериозно е да се бара заем од половина милијарда евра за непостоечки проект, особено што во тие средства не спаѓаат и дополнителните трошоци за пристапни патишта, енергетско напојување, гасоводна инфраструктура, вода, канализација и имотно правни односи, со што цената може да дојде и до 550 или 600 милиони евра.

Предлог – опозицијата да го води проектот!

Опозицијата постојно потсетува дека претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, имала готов проект и обезбедени средства за истиот, но дека го стопирала СДСМ кога дошла на власт, и ветила дека ќе изгради нов Клинички центар, но до денес се останало само на ветување. Во февруари годинава, министерот за здравство Венко Филипче се осврна на тој готов проект со серија критики.

„Клиничкиот центар што вие требаше да го правите беа само обични интерни клиники и требаше да нè чинат 120 милиони евра. Ние ги реновираме за не повеќе од 1 милион евра. Замислете колкава разлика е тоа? Договор потпишавте со компанија која, по неколку месеци, отиде во стечај. Замислете каков договор направила претходната влада!“, рече тој.

Објасни дека е прекинат тој договор, бидејќи се направила соодветна ревизија на физибилити-студијата направена од претходната влада пред повеќе години, која јасно укажала дека гринфилд-инвестиција е многу подобра од браундфилд-инвестиција за клинички центар.

Притоа посочи дека е направена физибилити-студија со предлог-проект, и ја повика опозицијата заедно да работат на тој проект и да го поддржат законот за нов Клинички центар.

„Ве повикувам да бидете дел од тој процес, да бидете дел од процесот што го мониторира и го следи изведувањето на проектот. Еднаш да покажеме дека нема разлика помеѓу власта и опозицијата кога станува збор за еден таков важен проект“, повика Филипче.

Три месеци подоцна, двете страни се уште се истата позиција.

Со цел проектот да се реализира без сомнежи и со целосна доверба, од СДСМ во повеќе наврати повторуваат дека „пратениците на ВМРО-ДПМНЕ добро знаат дека имаат отворена понуда: опозицијата да го води проектот!”

Од опозициската партија за ДВ изјавуваат дека со тоа само би станале соучесници во криминален проект.

„Понудата на власта до опозицијата би била само понуда, а на тој начин опозицијата би била соучесник во криминалот на векот. Борбата со криминалците ќе биде без исклучок, без разлика дали тие се наоѓаат во Владата, или на улица. Суштинска промена ќе се случи по промена на власта, а изградба на Клинички центар и преобразбата на здравството ќе биде еден од приоритетите“, порача Мицкоски.

Back to top button
Close