Мицкоски очекува Вишото обвинителство да ја преиспита истрагата за ТЕЦ Неготино каде осомничени беа бизнисмени и директори

Премиерот Христијан Мицкоски ја нарече „скандалозна“ одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ја запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, откривајќи дека ЕСМ веќе поднело жалба.

„ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, веќе вложи жалба на скандалозната одлука на ОЈО-ГОКК. Очекуваме Вишото јавно обвинителство правилно да ги разгледа сите факти и да одлучи по тоа во жалбата. Да почекаме, па да коментираме“, рече Мицкоски.

Претходно, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека ја запира едногодишната истрага за случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза, бидејќи, како што кажаа, не обезбедиле доволно докази за да одат на суд со осудителен предмет.

Надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ изјави дека обвинителството не може да ризикува судска постапка без цврсти докази дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои беа гонети – злоупотреба при јавни набавки и перење пари.

Со истрагата беа опфатени 13 физички лица и една фирма – РКМ. Меѓу осомничените беа Ратко Капушевски, Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, како и поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, Адриан Муча и Ерџан Сулковски.

Кривичната пријава лани ја поднесе МВР, кое тврдеше дека државата била оштетена за повеќе од 167 милиони евра преку злоупотреби со набавките и транспортот на мазутот за ТЕЦ Неготино

Но, обвинителството соопшти дека не биле обезбедени докази ниту за кривични дела, ниту за финансиска штета.

По запирањето на истрагата, од ЕСМ најавија жалба, а адвокатите на дел од осомничените веќе најавуваат можни барања за отштета поради притворот што им бил определен во текот на постапката.

Back to top button
Close