Мицкоски: Орбан се покажа како пријател, другите само нè тапкаат по рамо
-Другите нè тапкаат по рамо, а Унгарија на Орбан покажа дека ни е вистински пријател кога ни е најтешко – кажа Христијан Мицкоски на прашањето која е мотивацијата на Унгарија да ѝ даде кредит од 1 милијарда евра на Македонија по двојно пониска камата од пазарните. Во унгарските медиуми веќе се појавија критики дека нивната земја се задолжува по полоши услови, а потоа ѝ дава кредит на Македонија по пониска камата.
„Јас сум благодарен, бидејќи кога на човека му е тешко, тогаш треба да ги види вистинските пријатели. Инаку, рамото ми отпадна од поттапнување по рамо колку сме ние добри, а за жал никој не ни помага кога ни е тешко, и затоа, за да го сочуваме рамото, ги поканувам сите вистинските пријатели, кога нам ни е тешко, кога треба помош и поддршка, да ни помогнат со нешто коешто сите можеме да го видиме“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека земјава прво ќе земе половина милијарда евра од Унгарија – по 250 милиони евра за бизнисот и за проекти на општините. Каматата е 3,25 отсто, со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Во јануари, Македонија ќе земе уште 500 милиони евра за враќање на еврообврзницата од 2018 година. (Телма)