Мицкоски посакува на изборите во Бугарија да победи партијата ГЕРБ на Борисов

На бугарските граѓани им посакувам успешни, фер и демократски избори и да ја изберат најдобрата Влада што сметаат дека ќе работи во нивните интереси и што ќе промовира стабилност во регионот и добрососедски односи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги утрешните седми по ред парламентарни избори во последните три години во Бугарија.

„Претпоставувам дека бугарските граѓани најдобро знаат кого да го изберат и да ги претставува и во бугарскиот Парламент и во идната бугарска Влада“рече тој.

На прашањето кого би издвоил како подобар соговорник, дали Бојко Борисов од ГЕРБ или Кирил Петков, од Продолжуваме со промената (ПП), Мицкоски посочи дека не би можел да издвои, но оти е логично да сака да победи партијата со која се дел од Европската народна партија.

„Можам да кажам дека со партијата ГЕРБ што ја води Бојко Борисов сме во исто семејство, во Европската народна партија. Логично е да посакам уште една политичка партија што доаѓа од нашето семејство да победи на изборите во Бугарија“,вели премиерот.

Утре, на 27 октомври гласачите во Бугарија по седми пат во последните три години ќе излезат на гласање да изберат нов Парламент.

Последните избори во јуни не успеаја да донесат мнозинска влада.

Back to top button
Close