Мицкоски за тарифите од Трамп: Mногу скоро ќе се надмине проблемот со воведувањето на 33% царина
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека многу скоро ќе се надмине проблемот со воведувањето на 33% царина од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Мицкоски вели дека македонската влада е во постојан контакт со американската администрација и дека можно е дури и денеска да има договор околу тарифите.
„Со нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, сме во постојана комуникација – и со Министерството за економија, кое го предводи Хауард Лутник, кој што е мојот личен пријател, и со Министерството за финансии, и со Стејт Департментот, и со Кабинетот на претседателот Трамп. Министерот Муцунски имаше кратка средба со Државниот секретар во Брисел, и една од темите беше и оваа. На дневна основа работат тимови, телефонски се слушаме и разговараме. Очекувам многу скоро, можеби и денеска, убава вест за македонските граѓани и македонската економија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски