Мицкоски: Заев јавно да се извини за навредите кон македонските граѓани, предци и херои и да поднесе оставка

Оставка на Заев, слобода на народот, повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од протестот пред Владата.

Вели дека има работи кои се свети и за кои не се преговара.

„Време е да ја кренеме главата и да се изборат Македонците за своите правдини. Ова што Зоран Заев и го прави на Македонија е срамно. Срамно е измамништвето негово“, вели Мицкоски.

Ги наброја имињата на сите херои на чии коски, како што вели, газел Заев со додворувањето во Бугарија. Вели дека ова е протест кој е надпартиски и против лудилото на еден човек. Рече дека како поединци не можеме ништо, но заедно можеме многу.

„Заев не е Македонија. Морате сега да бидете погласни и да се спротивставите“, му порача Мицкоски на членството на СДСМ.

Му се обрати и на неопределениот народ, но и на сите малцинства кои живеат во Македонија. Рече дека сега мора да се реагира, за да не биде предоцна. Мицкоски рече дека сакаат добри односи со соседите, но не со свиткана кичма.

„Заев јавно под итно да се извини, за навредите кон македонските граѓани, предци и херои“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Побара Заев да си оди, да си поднесе оставка од функцијата премиер.

Back to top button
Close