Милевски: Регионалната соработка и развој се нашите најважни приоритети
Оваа куќа ќе биде едно место за сите прекугранични операции во Косово, а и Северна Македонија како земја партнер се здобива со капацитети за поддршка на потенцијалните апликанти во здобивање прекугранични партнерства, порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски на отворањето на Куќата за прекугранична соработка, во Приштина.
Куќата е отворена во соработка со претставништвото на Европска Унија во Косово, како и со соседните држави во програмите за прекугранична соработка, а просториите кои се финансирани од Европската комисија ќе се употребуваат за три прекугранични програми и тоа Косово – Северна Македонија, Црна Гора – Косово и Косово – Албанија.
Милевски нагласи дека регионалната соработка и развој се најважните одговорности на Министерството за локална самоуправа, а прекуграничните и ИНТЕРРЕГ програмите се важен дел од нашата стратегија за регионален развој. Тој посочи дека земјава во програмскиот период на ИПА2 2014-2020 зеде учество во пет прекугранични соработки и ИНТЕРРЕГ програми, како и две транзициски програми – ИНТЕРРЕГ програмите со Грција и Бугарија, прекуграничните соработки со Косово, Албанија и Србија, и транзициските програми БАЛКАНМЕД и АДРИОН.
– Министерството за локална самоуправа во улога на Оперативна структура на Програмата е отворено за соработка и поддршка на сите структури во прекуграничната соработка со цел нејзина успешна имплементација. Преку заеднички напори можеме да создадеме подобра иднина за нашите граѓани, како и значаен придонес на патот за нашите евроинтеграции. Би сакал да напоменам и дека Министерството како Оперативна структура ги поддржуваме корисниците на прекуграничните програми преку ко-финансирање на нивните проекти. Со ова ја покажуваме посветеноста и заедничките напори да го подобриме животниот стандард на нашите граѓани во прекуграничниот регион, да ги охрабриме институциите, особено локалната самоуправа да соработува со нивните соседи од Косово со цел да се подобри услугата која се нуди на жителите, рече Милевски.
Тој посочи дека евроинтеграциите се многу важен, стратешки ориентиран потег за нашата држава.
– Би сакале да им се заблагодариме на Европската Унија за поддршката на нашите држави. Преку заедничка работа го забрзуваме и зајакнуваме процесот на интеграции. Програмите за прекугранична соработка се реализираат преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) чија цел е да поддржува прекугранични односи со цел добрососедство, интеграции во Европска Унија, и социо-економски развој во државите, посочи Милевски.
На настанот говореа и Елберт Красниќи, министер за локална управна администрација на Косово, Томаш Сунјог, амбасадор на ЕУ во Косово, Зорка Кодриќ, одговорен преговарач од НИПАК Црна Гора, Олта Чачка, министерка за надворешни работи на Албанија.