Милков: Бугарија е за брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но со почитување на правата на Бугарите

Прашањето за европската интеграција на Западен Балкан е процес што е од директно значење за нас, бидејќи тоа е непосредниот амбиент во кој Бугарија функционира и ја спроведува својата надворешна политика, изјави во Сандански вршителот на должноста министер за надворешни работи Николај Милков.

Министерот учествуваше на отворањето на 16. меѓународен семинар „Зимска школа за дипломатија“, организиран од Дипломатскиот институт на Министерството за надворешни работи, за странски дипломати од Европската Унија, Југоисточна Европа и од Црноморскиот регион.

-Имаме принципиелен став што е од корист и поддршка на интеграцијата на земјите од Западен Балкан и тоа треба да се направи што е можно побрзо, но истовремено врз основа на критериумите кои се дефинирани и врз основа на принципите и механизми, кои самата Европска унија ги создаде и потврди во овој поглед, посочи Николај Милков.

Бугарија ги штити правата на нашите сонародници во овие земји и на луѓето кои имаат бугарска самосвест и се чувствуваат Бугари, нагласи министерот.

-Овие работи не се во спротивност со нашата цел за брза интеграција на Западен Балкан. Напротив, почитувањето на човековите права, почитувањето на правата на здружување, борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза се критериуми за членство на овие земји во ЕУ и тоа е нешто што самата Унија го признава, рече министерот за надворешни работи.

Во однос на Република Северна Македонија, министерот Милков рече дека „Бугарија има јасен став, што се темели врз тоа што ЕУ го одлучила во однос на нашата соседна земја и тоа е основата на таканаречениот француски или европски предлог. Овој предлог беше прифатен од сите земји членки на Унијата, беше прифатен и од Бугарија и од парламентот во Скопје. Кога ќе ги исполнат овие услови, тогаш нивниот пат кон членство е отворен“, рече министерот Милков.

Back to top button
Close