Министерот Чулев бара од ОЈО да истражи дали има кршење на законите во АНБ

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ссопшти дека до Основното јавно обвинителство доставил соодветен поднесок во врска со случајот за кој вчера соопшти – дека е утврдено кршење на законите односно, како што рече, поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (сега: Агенција за национална безбедност) сè уште ја има задржано посредничката улога во системот за следење на комуникации и не е целосно елиминирана техничката можност од евентуален увид во кривичните истраги кои се спроведуваат од страна на МВР.

За актуелната поставеност на системот за следење на комуникациите министерот Чулев вчера одржа прес-конференција, а за поднесокот до ОЈО соопшти денеска на својот фејсбук-профил.

– Со поднесокот барам од страна на Јавното обвинителство да преземе активности во насока на спроведување соодветна истрага со цел утврдување на фактичката состојба за постоење на одговорност на раководните лица во надлежните институции. Во однос на вчерашните соопштенија од страна на Агенцијата за национална безбедност јавноста треба да знае дека изнесените факти и аргументи воопшто не кореспондираат со мојата тематска прес-конференција, истакнува Чулев.

Ниту еден елемент од соопштението, додава министерот, не се однесува на негирање на фактите што тој ги изнел  со кои, како што вели, аргументирано укажал на кршење на Законот за ОТА и Законот за следење на комуникаци. Состојбата во процесот на следење на комуникации, додава Чулев, недвосмислено ја опишува и прикажаниот слајд на вчерашната прес-конференција.

– Во изјавата на поранешниот министер за внатрешни работи и самиот тој истакнува дека „како што е пропишано во законот, така и треба да се одвиваат сите постапки и сите изјави“ што впрочем значи дека во конкретниот случај истиот Оливер Спасовски во време на неговото раководење со Министерството за внатрешни работи, согласно со Законот за ОТА и Законот за следење на комуникации, требало да ја отстрани секоја техничка можност за посредничка улога на Агенцијата за национална безбедност, односно да воспостави директна техничка поврзаност на министерството со ОТА, наведува Чулев и го повикува Јавното обвинителство да ги земе предвид материјалните докази со кои располага МВР  и, како што вели, да ја расчисти дилемата дали имало кршење на законите од страна на одговорните лица во релевантните институции.

Back to top button
Close