ДУИ: ВЛЕН ја претвора „Бардовци“ во семеен бизнис – тендер од 42 илјади евра кај братучедот на директорот

Тендер во Психијатриската болница „Бардовци“ вреден до 2,59 милиони денари, односно околу 42 илјади евра годишно, отвори прашања за можен судир на интереси, откако договорот бил доделен на компанија чиј сопственик е братучед на директорот на установата, обвинува ДУИ преку соопштение.

Според информациите што ги објавува партијата, сопственик на компанијата „Индиго Инц“ ДООЕЛ Скопје е Бесим Авдулаи, кој е роднински поврзан со директорот на „Бардовци“, Иса Авдулаи. Директорот ја потврдил поврзаноста, наведувајќи дека станува збор за втор или трет братучед.

Предмет на договорот се одржување на безбедносни системи, лиценци за 300 електронски поштенски сандачиња, мониторинг на 300 компјутери или сервери, набавка и одржување на заштитен ѕид од нова генерација, како и други информатички услуги.

Директорот, според ДУИ, тврди дека постапката е законска бидејќи тој не бил член на комисијата што го вршела изборот на понудувачот. Од партијата, сепак, прашуваат дали биле преземени сите потребни мерки за проверка и спречување на евентуален судир на интереси поради роднинската поврзаност.

ДУИ бара Државната комисија за спречување на корупцијата, Бирото за јавни набавки и другите надлежни институции да ја проверат целата постапка – од условите и критериумите до доставените понуди, учесниците и околностите под кои е избрана компанијата.

Од партијата велат дека повикувањето на законитоста само по себе не е доволно и бараат објавување на документацијата за јавноста да може да се увери дека постапката била спроведена без фаворизирање.

„Јавните пари не се приватна сопственост, а државните тендери не смеат да се претвораат во механизам за фаворизирање на роднини“, порача ДУИ, барајќи конкретен институционален одговор дали во случајот со тендерот на „Бардовци“ постои судир на интереси

Back to top button
Close