Пак ли предвремени избори?

Соња Крамарска

Полека во јавниот дискурс исползи темата за предвремени избори. Жешка тема, која во нашата држава најчесто се дискутира со усвитени глави, многу емоции и малку рационалност. Тема, која најчесто испливува кога политиката нема ништо попаметно да прави. Тоа е и тема која никогаш досега на довела до суштински чекор напред туку секогаш резултираше или со статус кво или со враќање назад.

Предвремените избори не се, од друга страна, никаква срамота или скандал сам по себе. Тие имаат своја улога во политичките процеси. Кон нив најчесто се прибегнува од неколку причини: доколку нема јасно мнозинство во парламентот, доколку е владата нестабилна, доколку владината коалиција изгуби партнер и стане малцинство во парламентот, или парламентот е блокиран и не може да носи одлуки, или пак доколку државата е пред суштинска промена и владата не сака да ја износи сама промената туку ѝ треба уште една поддршка од гласачите за тоа. И најважното, доколку дојде до разлика во политичката волја на граѓаните и политичката волја во парламентот.

Е сега, да прашаме, кое од овие сценарија се случува во моментов, па политичката сцена ја будат од летната дремка со една таква бурна тема? Нема ли мнозинство Владата, ќе си оди ли ВЛЕН, блокиран ли е парламентот, се разликува ли волјата на граѓаните од политичката волја во парламентот? Ништо од тоа не се случува, Владата е стабилна и политички моќна како никогаш досега, партиската сила на теренот е еквивалентна на политичкиот распоред на силите во Собранието. Со еден збор, Владата е и цар и господар.

 

ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште фаворит

Премиерот вели дека ако опозицијата провоцира избори, тој и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ нема да бидат кукавици и да бегаат, туку храбро ќе влезат во рингот и ќе ги победат. Како да не се работи за држава туку за битка меѓу двајца пеливани. Ако е пеливанство во прашање, не мора да се организираат избори и да се истресе тоа што остана во државната каса. Може да се сретнат и тоа да го направат со помалку трошок и помпа. Предвремените избори не се прашање на храброст или кукавичлук туку се прашање на политичка одговорност и сериозна анализа за нивна оправданост.

Искуството досега покажа дека кај нас предвремени избори се користат како ефикасен трик за продолжување на политичкиот век на власта и добивање на нови четири години владеење. Вообичаено е кон тој трик да се прибегне кога една власт не ги исполнила дадените ветувања но гласачите веруваат дека набрзо ќе ги исполни и сѐ уште ѝ даваат доверба. Најчесто довербата е присутна како инерција од последните избори, од кои во случајов во нашата држава поминаа две години, а доколку се одржат следната година тоа би било во третата година од мандатот на сегашната Влада.

Владата во актуелниот политички момент сѐ уште е фаворит на граѓанското расположение. Таа клима не може да се промени за неколку месеци или за една година и затоа сегашната власт нема ниту една сериозна причина да прифати дебата за предвремени избори. Меѓутоа од одговорот на Христијан Мицкоски е очигледно дека не сака ниту да ја одбие затоа што им одговара на партиските математики.

 

Иста власт, иста држава

Но прашањето што треба да ги замисли партиските и политичките стратези е каква држава ќе добиеме утрото по предвремените избори. Ќе галопираме кон ЕУ како што галопира сега Црна Гора? Нема да има корупција, ќе има ли подобро здравство, подобро образование, ќе се намалат ли политичките антагонизми? Ќе потечат ли странски инвестиции кои евидентно замреа. Ќе биде ли опсипан старо-новиот премиер со покани за премиерски средби од европските престолнини?

Ништо од тоа нема да се случи . Северна Македонија и по изборите ќе се разбуди иста како што била пред тоа. Затоа што тие избори не се за С. Македонија туку за една партија да си го продолжи животниот век на власт. Статистиката вели дека од досегашните 11 парламентарни избори во земјата, 5 биле предвремени, а 6 редовни. Тоа е многу. Од тие пет дури три беа одржани во времето додека беше на власт поранешниот конзервативен премиер Никола Груевски – 2008, 2011 и 2014. Сите тие избори го продолжуваа владеењето на ВМРО-ДПМНЕ а ја ослабнаа државата.

И во 2016 исто така имаше предвремени избори – под меѓународен притисок, за детронизирање на тогашната корумпирана влада на Груевски. Последните беа во 2020 година во време на власта на тогашниот премиер Зоран Заев, но иако пред нив имаше избори во 2016, се сметаат за предвремени бидејќи тогашната влада стапи на сцена на крајот на мај 2017 година. И тие избори не донесоа ништо ново за државата освен што покажаа раст на ВМРО-ДПМНЕ и натамошно слабеење на владата на СДСМ што подоцна се потврди со триумфалната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година.

Оттука, уште едни предвремени избори само ќе го вратат часовникот назад во одбројувањето на деновите на власта. И ќе го покажат тоа што сите го знаеме – дека кај нас не се победува на избори со добри идеи и владеење туку со пропаганда.

(dw)

 

 

Back to top button
Close