Министерот Спасовски од Мостар: И по 19 години претседателот Трајковски останува запаметен како неприкосновен лидер и мудар државник кој го сочува мирот во државата и регионот
Во име на Босна и Херцеговина пред спомен обележјето почит оддадоа и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, како и високи претставници на Претседателството на Босна и Херцеговина, претставници на Кабинетите на претседавачот на г-а Цвијановиќ и господата Комшиќ и Беќировиќ.

Во име на Владата на Република Северна Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше пригодно обраќање во чест и спомен на вториот македонски претседател Борис Трајковски.
„Големите луѓе никогаш не умираат, тие живеат вечно во спомените на оние кои ги почитуваат вистинските вредности. Таков беше и поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој пред 19 години прерано и трагично го загуби животот во авионската несреќа кај Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, заедно со делегацијата којашто го придружуваше. Денеска сме тука да оддадеме почест, со посебен пиетет поклонувајќи се и положувајќи цвеќе пред спомен обележјето на несреќата во Ротимље. Потсетувајќи се на вредностите кои тој ги негуваше и ширеше, секогаш промовирајќи соработка и помирување, Борис Трајковски останува симбол на вистинско лидерство во еден исклучително тежок период, но и при сите средби со народот, дипломатите, домашните и светските политичари”, рече министерот Спасовски во своето обраќање.
Истакнувајќи го фактот дека претседателот Трајковски беше признаен во дипломатските кругови како неприкосновен политички лидер и добар пријател со државниците од целиот свет, министерот Спасовски рече:
„Тој и по 19 години останува запаметен како доблесен и мудар државник, кој во еден важен транзициски период, кога се соочивме со тешки одлуки, успеа да го зачува мирот во земјата и во регионот, да ги зацврсти меѓуетничките односи, да биде посветен на демократските идеали и на евроатланската ориентација, како вистински визионер”, рече министерот Спасовски.
На крајот од своето обраќање министерот Спасовски упати благодарност до братска Босна и Херцеговина за организацијата на државничката церемонија, до раководството на Град Мостар и Општина Столац за континуитетот во оддавање почест по повод одбележувањето на смртта на претседателот Трајковски.