Министерство за правда: Лажна вест е дека се забранува употреба на придавката „македонски“

Министерството за правда денеска во изјава за МИА ги демантира и ги оквалификува како лажна вест обвинувањата дека министерот за правда Бојан Маричиќ ја забранил употребата на придавката „македонски“ и името „Македонија“ во називот на граѓанските здруженија.

„Класична лажна вест е дека министерот за правда ја забранил употребата на придавката „македонски“ и името „Македонија“ во називот на граѓанските здруженија, односно трговските друштва. Министерството за правда, секогаш кога тоа е во согласност со Уставот и законите, дозволува да се употребува придавката „македонски““, наведуваат од Министерството за правда.

Имено, како што се посочува, само во последните неколку месеци се регистрирани друштвата со имиња СВЕТА ЛИДИЈА МАКЕДОНКА-ЧЕНТО, Македонска сомелиерска асоцијација-МАКСА, Здружението за екологија, едукација, спорт, култура и развој на свеста на граѓаните за историјата на македонскиот народ МАКЕДОНСКА ПРЕРОДБА Сопиште, Здружението Македонска Асоцијација на Планински и Ски Водичи на Република Северна Македонија.

Деновиве темата се актуализираше откако дел медиуми објавија дека граѓанска организација била одбиена да биде регистрирана од Министерството за правда поради именката Македонија. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска рече дека таквата постапка на власта е фашизоидна и срамна.

„Така што јас кога би бил на нивно место би бил сериозно загрижен за постапките кои што ги прават по диктат на Зоран Заев, така што тоа што го прави Зоран Заев преку Бојан Маричиќ навистина преставува еден дебакл на отворена сцена, понижување на македонскиот народ на граѓаните во Македонија без разлика на нивната различна етничка припадност и понижување и омаловажување на самата Македонија како држава“ ,рече Мицкоски.

Back to top button
Close