Митева: Битиќи ја злоупотребил положбата барајќи гласови од компании и ветувајќи им финансиска помош

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е и коносител во Изборната единица 2, дека ја злоупотребил позицијата во владата и испратил писмо до компании од кои бара гласот на изборите да го дадат за неговата партија.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатка за пратеник, Марија Митева денеска, покажувајќи го писмото за кое вели дека Битиќи го испратил на 29 април годинава, рече дека тоа е доказ за злоупотреба на позицијата вицепремиер и искористување на државните ресурси во политичка кампања од страна на СДСМ.

Митева, цитирајќи дел од писмото каде се вели „го барам вашиот глас“ рече дека Битиќи упатува апел, а притоа потенцира дека го водел секторот, кој помогнал со финансиска поддршка од над 100 милиони евра.

„Потенцира дека за да продолжат овие позитивни политики за поддршка на бизнисот и во иднина, цитира дел од партиската програма за изборите, во која ветува зголемување на овие средства во износ од 180 милиони евра. Битиќи директно во ова писмо бара лична поддршка гласајќи за СДС и за Коалицијата ‘Европска иднина’ наведувајќи го и редниот број на гласачкото ливче“,рече Митева на денешната прес-конференција.

Ова, како што рече Митева, претставува злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 каде се наведува дека службеното лице не смее да ја искористи својата службена положба или овластување и да прибави за себе или за друг некаква корист.

Во овој случај, како што рече Митева, тоа е политичка корист преку директно барање на поддршка за број на гласачко ливче под кое се наоѓа коалицијата од која самиот Битиќи е дел.

„Битиќи извршил злоупотреба на службената положба, затоа што како вицепремиер, кој одлучувал за доделување на помошта за компаниите им се обраќа истите да го дадат гласот за него, поради помошта која им е исплатена од негова страна, како вицепремиер на владата и дека истата ќе се зголеми доколку се добие поддршката“,додаде Митева.

Според Митева, овој случај е преседан од невидени размери и побара извинување од вицепремиерот Битиќи и од неговара партија. Исто така, таа рече дека очекува и Државната комисија за спречување на корупцијата да покрене случај против ова.

Портпаролката додава дека со ваквиот чин, Битиќи создава притисок на компаниите кои добиле државна помош, и заради истата тој бара тие да гласаат за него.

Таа рече дека компаниите не треба да се плашат и да не подлегнуваат на притисоците на СДСМ и на ДУИ

Back to top button
Close