Митов од ГЕРБ за изјавата на Николоски: За таква навреда од функционер во европска држава моментално следува оставка

Ова е уште една провокација од властите во Република Северна Македонија насочена кон уништување на добрососедските односи и на она што досега е постигнато. Ова е денешниот коментар од поранешниот бугарски министер за надворешни работи и пратеник од партијата ГЕРБ, Даниел Митов, за изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев. ГЕРБ на Бојко Борисов е најголема политичка партија во Бугарија.

Пратеникот на партијата ГЕРБ и поранешен министер за надворешни работи Даниел Митов / Фото: Принтскрин

„Важно е да се види каква ќе биде реакцијата на премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски. За вакви навредливи квалификации во една европска држава веднаш ‘паѓа‘ главата на министерот. Моментално и на лице место летаат оставки“,рече тој.

Според него, еден владин министер во европска земја нема право да користи такви зборови, не само во однос на соседот, туку и кон која било друга европска земја или европски народ.

„Очигледно ова е уште една провокација на властите во РСМ насочена кон уништување на добрососедските односи и на она што досега е постигнато. Бугарските власти на ова треба да одговорат максимално цврсто, но во исто време и без емоции“,вели тој.

Посочи дека кога ќе се види реакцијата на властите во Скопје, тогаш ќе може да се дадат дополнителни коментари кои би можеле да се засноваат на проценка, како што вели, за она што направиле или она што не направиле.

Вицепремеиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, меѓу другото, рече:

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски

„Очигледно домаќинот не е цивилизиран и не е пристоен. Слободно нека пратат за ова протестна нота. Помизерни од нив се само нашиве домашни слуги, што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат, истите што потпишаа дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик и што потпишаа дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не прифатиме дека сме Бугари и имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам. Тоа не е само мизерно, туку е дно“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close