МНР на Хрватска нема сознанија дека апсењето на хрватскиот шпион „навистина се случило“.
МНР на Хрватска нема сознанија дека апсењето на „хрватскиот шпион“ за кое пишуваат денеска српски медиуми „навистина се случило“. „Немаме никакви информации за споменатата тема, ниту дека навистина се случил таков настан“, објавија хрватските медиуми пренесувајќи изјава од нивното МНР.
Српската Агенција за безбедност и информирање (БИА) во соработка со други надлежни државни органи денеска уапсиле лице опишано како „хрватски шпион“. БИА „спроведе контраразузнавачка операција за апсење на хрватски шпион“, јавија српските медиуми.
Оттаму додаваат дека акцијата е резултат на „неколкумесечната оперативна работа на БИА и продолжувањето на сузбивањето на шпионажата и деструктивно-субверзивните активности на хрватската разузнавачка и безбедносна служба СОА“.
Наводното апсење доаѓа еден ден откако српскиот претседател Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил објави дека се сретнал со адвокатот Немања Бериќ, кој беше уапсен од хрватските власти за видео со про-четничкиот српски пејач Баја Мали Книнџа, или како што објави Вучиќ – „само затоа што е Србин“.
„Им ветив на Немања и неговата сопруга Јана дека заедно ќе одиме на некој од следните концерти на Баја Мали Книнџа“, напиша Вучиќ во неделата за музичарот кој ги слави воените злосторства.
Српските медиуми денеска објавија дека српската полиција доцна синоќа на граница ја привела хрватската пејачка Северина поради „контроверзни изјави“ во медиумите.