Моја Општина – мој Дом
Ова би било прекрасен слоган за некоја изборна кампања, но и одлично мото за некој стратешки документ, како на пример локална стратегија за економски развој или локален еколошки план. Сосем солидно би одело и како визија и мисија и на краткорочни и на долгрочни плански документи за развој и активности на една локална самоуправа. Од изготвувачите би очекувале логичка рамка на бројни активности кои водат до стратешката цел, но и индикатори за мерливост на нејзината имплементација. Преку мерките, активностите и резултатите би дале основа за мониторинг на процесот од зацртаното до реализираното, а преку SWOT анализата би ги детектирале предностите, слабите страни, но и заканите и предизвиците во процесот: од планирање, преку реализација, до мониторинг и одржливост на проектот, планот или стратегијата. Се разбира ништо без динамичка рамка на активностите, со прецизно зацртани рокови, но и без финансиска пресметка на цената на чинење и потребните средства за секој чекор посебно и за сите заедно.
Но, да се отргнеме малку од јазикот на современото стратешко планирање и речникот на невладиниот, владиниот и меѓународниот сектор. Да го преточиме ова административното планирање, реализирање и мониторирање во план и договор со граѓаните за подобар живот во општината, за секој нејзин припадник и припадничка.
Колку што е можно да го поедноставиме јазикот на комуникацијата и мерењето на резултатите.
Најважно од се’ да го развиеме чувството на сопственост на овој план и договор со граѓаните на секој припадник на локалната заедница, зошто не постојат тие заради нас, туку ние заради нив, а сите заедно сме два носечки столба на една куќа што се вика Куманово. Како и во животот не е лесно да се изгради куќа, уште потешко да се одржува, да се оплеменува, а најтешко од се’ е таа да биде Дом. Дури и да се научите така да ја нарекувате, ќе треба време тоа вистински да го чувствувате, но и некои други предуслови.
Не е доволно да во нашите лични документи стои запишано дека нашата домашна адреса е на некоја од улиците, во некоја од куќите или зградите во општина Куманово. Ниту пак, од време на време да се фотографираме на некој од плоштадите, градскиот кеј, градските гостилници или излетничките места.
За да едно живеалиште или престојувалиште биде дом, мора да поседува особини што го дефинираат како такво. Да пружа и закрила од надворешни негативни влијанија и услови за добар и пристоен живот на неговите жители. Општината како организирана заедница на нејзините жители има бројни надлежности во организацијата на животот на една локална самоуправа. Поседува и буџет за нивно остварување, кој делумно го обезбедува државата преку блок- дотациите за конретни сфери како што е образованието, процентот од ДДВ и пресоналниот данок, но и преку директно прибирање на средства од граѓаните, преку комунални такси, даноци и други надоместоци. Па, како што и во нашите индивидуални домови ја делиме одговорноста за трошоците и обврските околу негово одржување и функционирање, така и во нашиот заеднички Дом наречен Куманово секој си има свое точно место, точни права, но и обврски.
Креирањето на локалните политики, создавањето на стратегиите за развој, носењето на одлуки и решенија и други акти е директна надлежност на народните избраници, членовите на Советот на Општината. Советот на една општина е највисоко претставничко тело на локално ниво, единствено надлежно за носење на одлуки од важност за успешно организирање на животот во една локална самоуправа. Директно задолжен и одговорен за нивната имплементација е Градоначалникот со општинската администрација.
Вработените во локалната администрација се задолжени преку разни сектори и одделенија да се грижат за остварување на надлежностите и непречено фунционирање на локалната самоуправа, во нашиот случај најголемата локална самоуправа во државата, па и во регионот. Општината е основач и на јавни установи и јавни претпријатија, прецизно задолжени и посветени на поеддини надлежности: образованието, социјалната заштита, културата, спортот, водоснабдувањето, канализацијата, одржувањето на јавната чистота, собирање и депонирање на сметот, уредување на градското зеленило, градските гробишта, паркирањето, осветлувањето, зелените, сточните и пазарите на старо, гасификацијата и урбанистичкото планирање. Тие затоа примаат плата и се во системот на јавната администрација.
За да ова парче наше земја, викано Куманово го наречеме Дом и за да опстои како удобен, пријатен и модерен дом за сите, мора сите да се грижиме за него. И оние што за тоа примаат плата или надоместок и оние кои се нарекуваат негови жители и жителки.
Платените за негово функционирање и одржување се контролираат преку системот на јавна администрација и правата и обрските од работниот однос.
Неговите жители? Делумно преку законските обврски за плаќање на такси, даноци и други давачки, преку обврските за навремено измирување на сметките за комуналните услуги, но ипреку казнената политика за несовесните и недговорните гажани. И не само за локалните давачки, туку и за нарушување на еколошките обврски, нехигиената, загадувањето, вандализмот врз заедничкиот, општински имот, но и за сообраќајната некултура и нарушувањето на јавниот ред и мир.
Репресијата од секогаш пружала и заштита и давала резултати, ама многу побитна и со подалекусежни резутати е превенцијата. Она на што мора како едно големо кумановско семејство да посветиме внимание е превенцијата преку бројни активности, трибини, директни средби со граѓаните и ПР кампањи.
Она пак за што нема ниту закони ниту прописи, ниту казни ниту опомени, туку само критика и признание од другите членови на семејството- Кумановци и Кумановки е љубовта кон Градот и Општината наречени со едно име, со еден белег- Куманово.
Мудрите одамна веќе кажале: Да се запрашаме што ние можеме да направиме за Општината, а не само таа за нас?! Дали е доволно да бидеме само неми набљудувачи на уништувањето на заедничкиот имот, на лошите хигиенски навики и однесувањето познато во минатото како: „Сечие и ничие“! Токму спротивното, тоа што е наше, но е и на другите, на сите, е обврска повеќе за сочувување и надградување. Како кај нас дома, како во нашите примарни семејства, како кон нашиот личен или семеен имот.
Задоволството и среќата на секој член на Семејството Куманово ќе бидат мерило за секој наш поединечен и заеднички успех во креирањето на успешната, модерната, во одржувањето на кумановската приказна. При тоа, се инспирираме од најдобрите практики во минатото и традицијата и се надградуваме со најсовремените сознанија од Европа и Светот.
Затоа второто име на нашата општина е Љубов за Куманово, а сите ние членови на семејството Куманово порачуваме и се обврзуваме: „Моја Општина – мој Дом“.
Атина Мургашанска, претседателка на Советот на Општина Куманово