Мој македонски народе

Почитувани читатели, денешната колумна ја посветувам на македонскиот народ… на мојот македонски народ.

Како Македонец, израснат и воспитуван во македонско семејство, стекнав знаења и вештини во својата татковина. Како работно и професионално реализиран човек заминав во белиот свет каде остварив големи бизниси, стекнав богатство и се вратив во својата земја, мојата Македонија.

Причина за денешнава колумна е ,,рилсот” , кој го објавувам заедно со колумната, за оние кои ме следат да имаат увид на која тема зборувам. Темата е непријатна, како што се и нејзините негативни последици врз населението и државата, но исклучително важна за секој од нас, кој ја сака и почитува својата земја, да може да помогне. Темата е сиромаштијата и „белата чума” во Македонија. Белата чума е фраза со која го симболизира масовното заминување на младата работоспособна и регенеративна популација од Република Македонија. Коментарите кои што беа напишани по објавувањето на моето јавно обраќање на социјални мрежи се безобразни, дегутантни и навредливи, но не на моја сметка, без оглед што јас бев повикан. Навредливи се за македонскиот народ, за мојот народ затоа што коментарите беа потпишани со македонски имиња. Дрзок коментар од останатите етнички заедници не прочитав. Затоа помеѓу моите Македонци постоеше буквално вербален натпревар кој повеќе ќе ме навреди и понижи. Се прашувам во чии очи сакаат да ме понижат? Веројатно во нивните, затоа што зборот е огледало на разумот и душата од каде што излегува. Зауздајте си го зборот, што би рекол колосот Конески, оти нивниот камшик се враќа во рацете кои го држат (пишуваат). Кукавички е да се омаловажува скриен зад тастатура, витешки е со здрави аргументи на здрав вербален мегдан да се протиставиш.

Од објавениот ,,рилс” ќе заклучите дека истиот претставува една реална дијагноза за нашето опстојување како Македонци и како држава Македонија.

Стечајот на Еуростандард банка е мотивот за ниските навреди кон мене и моето семејство. Затоа неуморно објаснувам, пишувам и ќе продолжам дека стечајот на Еуростандард банка беше убиство со умисла. Многу факти кои ги изнесувам секоја недела, до ден денешен останаа отворени и неодговорени од институциите на системот. Молкот на институциите кои треба да се занимаваат со овој проблем сам по себе е аргумент дека стечајот е со криминална позадина.

Истрагата околу стечајот ги помина сите законски рокови. Епилогот од истата е јасен. Не постои ниту моја, ниту на моето семејство вмешаност во стечајот на Еуростандард банка. Факт е дека некој не дозволува овој процес да се обелодени за нештата околу стечајот да бидат многу појасни.

Трагајќи по начинот како да се отпочне вистинска борба против организираниот криминал и корупција во земјава, доаѓам до заклучок дека стамени, чесни и со искуство, ама храбри луѓе, треба да се вмешаат во демократскиот процес, со цел нештата да почнат да се детектираат и решаваат. Впрочем демократија е доверба во правниот систем.

Низ сиот мој живот работејќи во бившата СФРЈ, Австрија, Швајцарија, Полска, Украина, Русија, не сум имал ниту еден судски процес или било какво обвинение.

Важам за космополит, човекољубец, хуманист, ктитор, мецена, негувач на културнито наслетство, вљубеник во културата, уметноста, музиката, спортот, со еден збор вљубеник во животот и Македонија.

Живеејќи надвор од земјата никогаш не сум имал никакви недоразбирања со институциите на системот каде сум работел, со луѓето со кои сум соработувал и работел, ниту пак со соседите со кои заеднички сум живеел.

Почитта која сум ја стекнал со години наназад, не може туку така да се руинира со ниските страсти на еден полусвет, огорчен кон мене без лични причини. Болката не е заради навредите туку поради нивното авторство, македонски имиња и презимиња. Човечки е да се запрашам, зошто ова ми се случува во нашата македонска заедница, каде не само со зборови, туку со многу дела зад себе сум ја искажал својата љубов кон Македонија, кон нас Македонците и останатите етнички заедници кои живеат во Македонија?

За среќа и без лажна скромност, кај голем дел од нашата македонска популација важам за личност на која би ѝ довериле и државнички функции. Со години наназад моето име се споменува како можен кандидат за Претседател на државата. Убеден сум дека политичките партии се многу свесни за мојот личен авторитет. Речиси во предвечерието на следните претседателски и парламентарни избори, кои треба да се реализираат следната 2024 година, чувствувам наезда од „скакулци” на моите социјални мрежи, кои имаат задача да навредуваат, понижуваат и креираат лажна слика за мене.

Сакам да им порачам на сите мои сограѓани, кои се служат со нечесни игри, дека хуманоста на дело не може никој да ја скрие ниту извалка, а уште помалку да ме демотивираат да ја продолжам својата хумана мисија во Македонија. Тука сум, отсекогаш сум бил тука за својот народ зашто ѝ требам на Македонија, на мојот народ. Најмалку што може да направите за себе е да ги видите моите хаманитарни дела и идеи, за нештата да ви бидат појасни. Сѐ уште ви требам, на вас граѓаните, не фрлајте со навреди таму каде се оставаат вредности.

Барајќи ја сопствената правда со стечајот на Еуростандард банка, сакам да разберете дека ја барам правдата и за вас, за сите оштетени од системот во Република Македонија!

Ние оштетените граѓани од системот на Република Македонија, не сме системска грешка. Грешката е во тоа што дозволивме системот, кој треба да ги гарантира нашите права и слободи, да е киднапиран од организираниот криминал и корупција.

Треба да му се стави крај на ова зло. Крајот на хаосот почнува со мирољубиви односи меѓу луѓето и институциите, со избор на чесни граѓани, наоружани со знаење, искуства и доблести. Дали сите го посакувме ова?

Почитувани читатели, си дозволив слобода да споделам со вас еден за мене неразбирлив чин на себеуништување на Македонците, токму како што ни ги прикажа црнилата на Македонците во драмата ,,Црнила” Коле Чашуле. Давам дијагноза на македонското општество преку мојот јавен настап и наместо да се отвори дискусија околу ова прашање, добивам ниски навредливи коментари и за мене и за мојата татковина, за мојот народ, за моите сограѓани од останатите етнички заедници… Се работи за иднината на нашата држава, затоа не потклекнувам и не се одрекувам од правдата, народе мој македонски.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close