Мојот другар Борче

Почитувани пријатели, денеска ќе пишувам за мојот другар Борче Стојменовски, во најраната младост познат по прекарот Црни, а подоцна заменет со скратеница на името, едноставно наш  Боре.
Познанството со Борче започнува уште од второ одделение , кога заедно влеговме во училниците на тукушто отворената осмолетка  „11 Октомври”.
Првите одделенија јас и Борче ги поминавме во старото училиште ,,Браќа Миладиновци” кое за време на земјотресот беше срушено, а денеска на истата парцела е лоциран супер маркетот Веро Џамбо.
Нашето другарување започна токму кога се преселивме во основното училиште ,,11 Октомври”.
Бевме комшии, јас лоциран во куќата на моите родители кај амбулантата на РСВР во Кисела вода, а Борче во тогаш елитната населба Пролет.
Борче во основа беше многу мирен, чесен и знаеше да биде вистински другар. Говорам за другарство типично за тие рани години од нашите животи, кога за другарот и другарувањето дававме сѐ.
Предодреден беше за природните науки и од најрана возраст, уште во основно и средно образование беше авнгарден при користење  алатки и техники кои несомнено значеа  иднина. Тој прв го користеше фото апаратот,  беше најдобриот и најзаинтересиран ученик по биологија кога наставата се одвиваше во лабораторија. Никогаш нема да го заборавам неговиот порив, уште во основното училиште,  прв дојде до микроскопот од тогашната лабораторија и последен да си замине од часот.
Љубопитен беше да осознае многу работи кои тој мал апарат ги нудеше. Неговата аналитичка димензија на нештата со кои се соочувавме во  нашето секојдневие, прв пат ја запознав токму преку желбата да го користи микроскопот во анализирање на билки, инсекти и други феномени од Земјината флора и фауна.
Имаше вештина на соодветен  начин да го пренесе своето видување од тој обичен микроскоп со зборови кои до ден денес ни се врежани во едно длабоко сеќавање.
Љубовта на Борче кон можностите на микроскопот беше неприкосновена.
По завршувањето на основното училиште јас и Борче се разидовме, но патиштата повторно ни се споија по катастрофалниот земјотрес во Скопје, причина школувањето заедно да го продолживме во Гевгелија. Тој учеше во математичка, а јас  во општествена паралелка, но дружењата после школските часови беа наша секојдневна маршрута. Денски, кога беше убаво времето одевме на Вардарски рид крај Вардар, а кога беше ладно се собиравме кај нашиот другар Ноне кој живееше во една од најубавите спомен куќи во Гевгелија, вила Тина, веднаш до железничката станица.
Ноќите, вообичаено во текот на целата година ги користевме за серенади.
Борче со својот баршунаст длабок глас немаше многу слух, ама беше еден од најгласните кога требаше да пееме кај нашите симпатии од детство.
После гимназиските денови, Борче се запиша на Машински  факултет во Скопје, го заврши во рекордно време и веднаш се вработи во тогашното  Министерство за финансии каде го помина целиот работен век, водејќи ги првенствено технолошкиот и компјутерски дел на ова министерство.
Не постоеше година, а да не организираме заедничко летување и дочеци на Нови години, забави и средби со повод. Борче беше мајстор, настаните од овие наши дружења да ги овековечи со својот фотографски апарат.
Точната бројка на сите фотографии не ја знам , но сигурно биле преку 20.000 фотографии. Честопати кога ќе седнеме да ги гледаме фотографиите веднаш излегуваше на виделина неговата пасија да го долови моментумот на нашите дружења на лице место и да нѐ овековечи со фотографија.
Борче беше човек за кого зборот значеше повеќе од сѐ.
Денес Борче физички не е меѓу нас, но сеќавањата за него сѐ уште се живи во нас другарите од неговото детство и  живот.
Со оваа куса и емотивна ретроспектива за наш Борче, Црни и Боле,  сакам да го овековечам неговото присуство во нашите животи.
Другар вечна ти памјет. Се заколнавме и останавме другари до гроб.

Back to top button
Close