Мојот другар Мане

Почитувани читатели, денес мојата колумна ќе ја посветам на мојот прекрасен и уникатен другар Мане, Мане Грличков, еден од врвните ревматолози во последните 40 години во Македонија, човек посветен на професијата, семејството, пријателите, другарите и севкупното опкружување. Многу љубезен и скромен во својата комуникација, остава силен впечаток во околината кога ќе се појави меѓу нас другарите. Позитивна енергија и харизма, од него напросто извираат. Мане не учеше во мојот клас, туку во математичката паралелка, заврши медицина и се изгради не само во врвен ревматолог, туку во доктор кој во себе ги има вградено сите елементи од Хипокритовата заклетва. Играњето фудбал и заедничките летувања се само дел од нашето континуирано дружење, кое трае повеќе од шест децении. Сакам да истакнам една специфика типична за Мане кога игра фудбал, а тоа е неизоставно носење капа. Се обидуваше некако да ја затскрие ,,разретчената” коса, а капата му беше токму таков штит. А, бре Мане, убав си и физички и духовно, фрли тоа капата! Тоа се тие ситни нешта, кои ние другарите си ги знаевме меѓусебе.

Мане е човек кој што никогаш не подигнал глас, па дури и во моменти кога тоа е неиздржливо. Неговата трпеливост е безгранична, а со таква толерантност не само меѓу нас другарите, туку и меѓу неговите пациенти, прави аура на смиреност во која се чувствува неговиот смирувачки дух. Таквата професионалност уште повеќе го воздига како човек, особено меѓу неговите пациенти.

Молчелив, никогаш не се впушташе во теми кои не ги познава и не си дозволуваше луксуз да направи некој ,,лупинг” при нашите меѓусебни разговори, а воопшто и во неговиот живот. Нас другарите не прифаќаше сите такви какви што сме, секој со своите мани и доблести. Не паметам, во нашето шест децениско другарување, Мане да се замерил со било кој од нас.

Како карактер го отсликуваа, типични за него силни црти: молчеливост и трпеливост, но и одлучност за она што смета дека е праведно, корисно и потребно. Татко е на четири деца, а во моментов го турка вториот среќен брак.

Ќерката единица, денес е еминентен доктор во Соединетите Американски Држави со категорична одлука за трајно живеалиште таму. Трите сина со кои денес живее се малолетници, односно основци, наскоро и средношколци. Мотото за ваква неочекувана одлука на Мане да изгради ново семејно гнездо, беше проткаено со многу тешкотии, кои Мане машки ги издржа, не повредувајќи никого. Мојот другар Мане денеска е активен доктор кој работи во Систина Аџи Бадем. Неговото мото гласи: ,,мора да сум здрав и морам да работам – имам многу пациенти со доверба во мене, но и три малолетни синчиња кои треба да ги изведам на вистински пат.

Токму поради сето ова, не само во моите очи, туку во очите на сите другари, Мане порасна како личност со високи човечки вредности. И остана Мане без прекар, што не е вообичаено за нашето друштво, но голем Мане, единствен во едноставноста, Мане без прекар, но со епитети и атрибути.

Мане другар, не само јас, туку сите ние другарите кои сме сѐ уште со тебе и околу тебе, ти посакуваме многу здравје и долг живот. Да се чуваш, да останеш достоен на својата професија како и досега, им требаш на твоите пациенти, на твоето семејство, на сите нас твоите пријатели и другари. Таков човек и професионалец ѝ треба на Македонија.

Трифун Костовски

 

 

 

Back to top button
Close