Мојот другар Мичо

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар Мичо, Мијалчо Милев, кој  беше ученик во Гимназијата ,,Јосип Броз Тито” – математичка паралелка. Мичо беше дел од нашето секојдневие исполнето со дружење низ училишните ходници, надвор од училиштето и секако фудбалот.

По потекло од Зрновце, Кочанско, немаше ниту еден миг да не го спомене своето детство, поминато токму во ова село блиску до Кочани. Преку Мичо дознававме за обичаите на нашите сограѓани од овој дел на Македонија, меѓу другото  импресиониран со ловењето риба од малата рекичка која поминувала токму низ селото. Стамен и мирен човек, секогаш беше најодговорно подготвен по било кој  наставен предмет. Да разјаснам, не беше ,,бубалица”,  туку со добра  концентрација на тоа што треба да го одработи.

Заврши  медицинскиот факултет во Скопје и се зафати да ја практикува својата професија како  доктор по општа медицина, најпрвин во амбулантите  на комбинатот за мебел Треска од Скопје, а подоцна во гигантот Тутунски комбинат – Скопје. Неговата смиреност пленеше на сите полиња, како во извршувањето на неговата професионална обврска,  уште повеќе со неговата големина како човек.  Неговите драгоцени и благородни совети секогаш беа искажани на разбирлив начин полн со емпатија и љубов. Нашите заеднички летувања, дочеци на нови години и семејни дружби беа сѐ почести од 90-те години наваму . Токму преку тие дружења ја воочив неговата човечка големина,  најнапред како син, сопруг, родител и дедо.

Денес мојот другар Мичо не е меѓу нас. Си замина и остави длабоки и убави сеќавања кај секого  од нас, неговите другари со кои го делеше секојдневието од  животот изминатите четири децении. Ни недостасува неговата смиреност, благост и умерен говор, една пријатност која ја имаше во себе. Зрачеше со  харизма која  давајќи ни ја на нас другарите правеше од дружбите чувство на нирвана.

За Мичо и неговото место во моето семејство, ќе споменам една случка преку која ќе ви го доловам токму неговиот лик. Довербата која ја имав кон него како човек, а уште повеќе како исклучително професионален општ лекар,  беше основ  целото мое семејство да бидеме негови пациенти. Во најраната возраст на моите деца Олга и Коста, кога требаше да се оди на доктор поради честите  детски здравствени проблеми, вообичаени за секое дете,  Мичо ни беше  прва и последна дестинација. Познавајќи го менталитетот на моите деца Олга и Коста, пред секое одење во ординацијата на мојот другар д-р  Мичо, му ги полнев  фиоките со чоколади и бомбони, со цел да ги убеди децата,  кои имаа длабоко всаден страв од ,,бел мантил”,  дека чичко Мичо  им е вистински пријател. За моите деца д-р  Мичо беше закон за општ лекар. Не постоеше друг лекар кому можеа да се доверат или да дозволат преглед. Тоа беше само чичко Мичо.

„Заминувањето”  на Мичо беше ненадејно и брзо, всушност се пресели физички  на друго место, неговиот дух сѐ уште живее со нас. Неговото физичко отсуство се одрази врз нашата секојдневна комуникација – ни недостасува неговата благост но и остроумност, особено во моменти кога требаше да искаже сериозен став на било која тема, и  кога длабоко ќе се замислеше со внимателно одбрани зборови со кои ќе го искажеше своето мислење без некого да повреди. Со својата кроткост како човек единствено приближен му беше мојот другар Мане Грличков, исто така доктор, специјалист ревматолог, за кого ќе пишувам во следните колумни.

Овие два лика, се врвот, јаготката или шлагот на нашето другарување,  на кое и денеска сме горди.

Честопати ни снемуваше зборови кога сакавме вистински,  од длабочината на душата да го искажеме својот восхит кон одредени личности од нашето секојдневие. Токму таква личност е Мичо.

Другар, почивај во мир. Засекогаш остави траги во нашите животи со својот авангарден и човечки однос. Убеден сум дека твоето семејство ќе продолжи по твоите стапки и во твојот дух.

Back to top button
Close