Мојот другар Пројче

Колумна на Трифун Костовски

Почитувани читтатели, денеска ќе пишувам за мојот другар Никола Пројковски со прекарот Пројче.

Другарувањето започна во средношколските клупи во гимназијата „Јосип Броз Тито”, животен период кога се создаваат најсилните пријателства меѓу луѓето. Причините за ваквиот посебен момент за создавање пријателство, по мене лежи во неколку елементи, на возраст кога човекот од дете станува возрасен.

Безгрижното детство дава широки можности за создавање трајни пријателства и другарувања.

Времето поминато во гимназиите го сметам за време на созревање на секој поединец како индивидуа. На патот кон созревањето, човекот ги бира своите пријатели и другари, барајќи во нив сродни души.

Пројче учеше математичка насока, а потоа заврши Машинскиот факултет и стана инженер. По природа спортист, добар фудбалер и шахист, со силни предиспозиции за природните науки, за што впрочем и сведочи неговиот завршен факултет. Беше висок, слабуњав и срамежлив, но длабоко принципиелен. Соучениците од гимназиските клупи честопати поради неговата срамежливост и повлеченост го потценуваа неговиот карактер. Пројче никогаш не говореше премногу, но си држеше до кажаниот збор. Во дискусиите доколку чувствуваше дека е во право, беше вистински „sвер”. Типично за прилепчани е инаетот, ама Пројче иако беше прилепчанец инаетењето не му беше негова карактерна црта, туку напротив се ,,инаетеше” со аргументи и факти. Типично за човек со природно-научни предиспозиции.

Поради својата висина и неадекватна тежина, имавме впечаток на фудбалските натпревари дека ветер ќе го однесе. За Пројче и за моојот другар Баке важеше правилото кога играат фудбал да си стават камен во џебот од дресот.

Нашите дружењата, практикувани секоја година, беа заеднички летувања, дочеци на нови години, прослави на слави, имендени, родендени и секако во годините кога го градевме култниот женски ракометен клуб Кометал-Ѓорче Петров, Пројче со останатите другари беше дел од навивачите на Кометал, кои го бидреа својот тим ширум салите низ Европа.

Патувањата во Валенсија, Шпанија или патувањата во Волгоград и Тољати Русија, во нашата меморија оставија трајни белези.

Вообичаено на овие патувања низ Европа со ракометниот клуб Кометал-Ѓорче Петров, користевме закупени авиони. Патувањата честопати траеа до 3 дена, а покрај моите другари и комитите, со себе носевме и музички состав кој пленеше со своите изведби по хотелите во Валенсија, Волгоград и Тољати. Мудрите луѓе би рекле, „доживување за паметење”.

Пројче во втората половината на 90-те години падна тешко болен. Како другар му го посветив сето мое внимание и можности. Си замина после 14 месеци од одпочнувањето на неговото лекување. Тага голема е кога си заминува еден од нашите добри и верни другари.

Лекарите кои му ја пружија негата во АКХ Виена, ме убедуваа дека со зафатот кај нив сум го продолжил живото на мојот Пројче за 10-12 месеци. Верувајте, во тие моменти не знаев кој пат да го фатам. Бевме убедени дека ние другарите ќе живееме вечно и првиот шок беше заминувањето на Пројче.

Сите ние, неговите најблиски другари тешко го прифативме фактот дека Пројче не е веќе меѓу нас.

Пројче важеше за ,,,окорели нежења”, вечниот ерген. Сепак се ожени, наоѓајќи ја својата животна сопатничка, само 5 години пред неговото заминување.

Пројче не остави потомство и ние другарите жалиме поради тоа, што не ни остави наследник.

Реалноста не можеме да ја менуваме. Пројче останува запаметен во нашите сеќавања. Со неговиот уникатен изглед, слаб, висок, сини очи, светла коса која ја тераше на патец и секогаш со цигара во рака. Цигарата му беше единствениот порок кој го практикуваше. Вечна ти слава пријателе мој…

Посакувам нашето потомство, нашите деца да умеат да градат такви другарувања какви што ние ги практикувавме од минатиот век, па сѐ до ден денешен.

Да се биде пријател е чест – да имаш вистински другар е богатство!

Back to top button
Close