Мојот пријател Михаил

Почитувани читатели, денес ја посветувам колумната на мојот млад пријател Михаил Караколев, со кого неодамна, и на многу специфичен начин го изградивме нашето пријателство.

Михаил е пожарникар во Противпожараната бригада на Град Скопје, млад и добро воспитан човек со современи погледи кон реалниот живот.

Нашето познанство отпочна при една петочна забава кај нашиот заеднички пријател Шоте во Бифе Тафталиџе. Газдата Шоте, сам по себе бренд, во своето кафуле умее да собере прекрасни градски луѓе. Шоте, покрај смислата за хумор, импресионира со ,,штелување” атмосфера на заемен почит кон сите гости, независно дали меѓусебно се познаваат. Амбиентот е домаќински, чиниш сме се собрале дома кај пријател…

На споменатата петочна забава, Славко-Левица ангажиран како ди-џеј кој беше задолжен за квалитетна музиката токму таа вечер.

Музичкиот избор на Славко беше феноменален до толку, да не остави рамнодушен ниту еден гостин. Сите потпевнуваа, фаќаа ритам во седечка положба, што би рекле им играше душата на сите. Во таа прилика ми пријде Михаил со желба да се запознаеме. Првиот контакт беше непосреден и за мене многу драг, а од оваа перспектива гледам дека и на Михаил му беше посебно драго нашето пријателство.

Најпрво Михаил ми раскажа дека од 2011 година е вработен во Противпожарната бригада на Град Скопје и дека вработените во Противпожарната бригада сѐ уште ме паметат како вистински татко на Град Скопје од времето на градоначалничкиот мандат. Ми годеше таа информација и ме поттикна да размислувам што точно сум направил за мојата Противпожарна бригада, бидејќи вработувањето на Михаил беше по моето заминување од функцијата Градоначалник на Град Скопје.

Дојдов до заклучок дека неколку битни работи се случувале.

Во 2006 година започна децентрализацијата, со што Противпожарната бригада прв пат беше одвоена од Министерството за внатрешни работи и доделена на натамошно управување на Град Скопје. Местото и улогата на секоја Противпожарна бригада во секоја урбана средина е од суштинско значење по безбедноста на граѓаните и нивните имоти во градот.

Денеска се сеќавам на три базични работи: најпрво мојата врата, како градоначалник, во секое време беше отворена на тогашниот командир на Противпожарната бригада, Менковски. Ги решававме прашањата за нови вработувања на пожарникари, истовремено свесни дека таква стручна школа во Македонија не постои. Старосната граница на пожарникарите беше алармантна и заеднички најдовме систем на едукација на кадар при школите од бившите ЈУ републики. Второ, бидејќи се работи за животот на секој поединец пожарникар кој несебично се жртвува да спаси живот и имот, обезбедивме најсовремена и најквалитетна опрема за секој пожарникар. Личните доходи на целата бригада никогаш не беа проблем од аспект на висина на плата и навремена исплата. Противпожарната бригада беше во посета на градот Нирнберг, каде се организираа меѓусебни натпревари. Како Градоначалник многу бев горд, бидејќи во сите дисциплини од професионален пристап, во противпожарните натпревари бевме непобедиви.

Збратимениот град Нирнберг даруваше две противпожарни возила на Противпожарната бригада во Скопје, токму ценејќи го нивниот професионален однос во извршувањето на нивните општествени обврски, а јас за возврат на Градот Нирнбер му подарив споменик во бронза, „Братски рачен поздрав”, кој денес гордо стои во градот. Овој споменик беше изработен од вештите раце на бесмртниот академик Томе Серафимовски, кој неодамна почина, но ни остави вечни, монументални дела.

За Противпожарната бригада можам да пишувам многу и затоа упатувам порака до актуелниот, но и на сите идни градоначалници на Град Скопје, да им се дава силна поддршка преку обука и опрема, на овие исклучително храбри луѓе и нивната бригада. Тие се првите кои може да одговорат на елементарни непогоди, несреќи, пожари, поплави и слично.

Презимето на мојот неодамна стекнат пријател Михаил Караколев ме заинтригира да го прашам за потеклото, и разбрав дека е велешанец. Овој податок ми даде посуштински информации.

Во почетокот на 20 век, семејството Караколеви од Богданци беше едно од најимотните. Таткото на мојата баба од мајчина страна е човекот кој ја донесе свилената буба во Гевгелиско-Валандовскиот регион. Нејзиното одгледување бараше умешност, зашто како финален производ се добиваа свила и свилен конец. Таткото на мојата баба завршил свиларството во Марсеј, Франција, кон крајот на 19 век, што за тоа време беше сериозно образование. За тие што не знаат да појаснам, дека свиларството беше основна гранка на производство на свила полни 60 години во сиот тој регион. Целиот овој регион до 60-те години на минатиот век, беше засаден со црници или како што ние скопјани ги именуваме дудинки. Листот на овие дрва беше основната суровина за одгледување на свилената буба.

Денес црниците веќе не постојат во овој регион, истите полиња се засадени со рано-градинарски култури или лозови насади. Но постојат сеќавања и емоции, вредни како свилен конец… Такви се и моите вреднувања на вистинските пријатели.

Почитувани читатели, ми значи другарувањето со Михаил, ме потсети на некои минати времиња од мојот живот… Моја желба која ја остварувам е ваквите пријателства да траат и да се надоградуваат. Пријателствата се нашите вистински трајни вредности на кои треба да им се посветуваме со цело срце и душа.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close